Радовиш, 26 јануари 2013 (МИА) – Премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски денеска ја пуштија во употреба делницата Сурдулци – Радичево на магистралниот пат Штип – Струмица.

Делницата е во должина околу 10 километри и ширина од 7,7 метри. Направени се нови банкини, нова сигнализација и е со проектирана брзина од 100 километри на час. Изградени се две клучки кај Калуѓерица и Радичево, еден потпатник, еден натпатник и пет мостови и 13 премини. Вредноста на проектот е околу 455 милиони денари.

Регионалниот пат Радовиш – Струмица, според премиерот Груевски, денес претставува една од најубавите делници во овој регион на државата.

– Стариот пат со коцки останува да потсетува на едно минато време. Пред нас е новиот пат преку кој граѓаните ќе се движат многу побрзо и побезбедно. По стариот пат се водеше по 30 или 40 километри на час, имаше многу сообраќајки и возачите мака мачат да ги избегат дупките и тумбите за да не ги оштетат своите возила, подвлече Груевски.

Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со изградба и асфалтирање на патиштата со цел населените места да бидат што подобро поврзани и развиени, земјоделците и трговците да можат полесно и побрзо да ги транспортираат своите производи во земјата и странство и граѓаните да можат што побрзо и побезбедно да комуницираат меѓу себе.

Заменик-претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески посочи дека ветувањето дадено пред граѓаните дека коцката односно стариот пат ќе биде заменет со нов и модерен е исполнето.

– Доцнењето во изградбата беше заради проблемите со претходниот изведувач и европската економска криза, но ветувањето кон граѓаните и одговорноста што кон ја чувствуваме беа посилни од се, беа нашата водилка да ги надминеме и ги надминавме сите потешкотии и проблеми, рече Ставрески.

Изградбата, како што рече министерот Јанакиески, на овој пат значаен за сите граѓани на југоисточна Македонија значи посветеност, а посветеноста е тоа по што ние се разликуваме од другите партии.

– Се стремиме секој проект што ќе стане дел од нашата Програма да го реализираме бидејќи пред граѓаните излегуваме со конкретни проекти, конкретни ветувања и правиме се да ги реализираме, рече Јанакиески.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски најави дека наскоро ќе започне асфалтирање на постојната калдрма на стариот пат што понатаму ќе се користи за локална употреба меѓу населените места.

– Годинава ќе завршат со градба веќе започнатите регионални патишта Радовиш – Конче – Лубница, потоа Анѓелци – Вељуса – Водоча – Баница, Струга – Дебар и Кавадарци Љушев Гроб со вкупна должина од 73,4 километри, инвестиција вредна околу 10,2 милиони евра, рече Георгиевски.

Во тек е, нагласи, и проектирање на делницата Велес – Кадрифаково во должина од 23 километри.

– До средината на годинава треба да заврши проектирањето, а потоа да се објави тендер за изведувач и во втората половина од годинава да започне изградбата на патниот правец кој ќе има четири ленти со вкупна широчина од 11,2 метра, скоро двојно повеќе од сегашната делница на која има 11 црни точки, посочи Георгиевски.
Годинава, додаде, ќе продолжи и подобрувањето на локалната патна мрежа на 108 локални патишта со вкупна должина од околу 160 километри за што ќе бидат издвоени 15 милиони евра.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.