Струмица, 11 декември 2014 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, заедно со градоначалникот на општина Василево Ване Стојанов, денес официјално ја предадоа во употреба новата детска градинка „Прва радост“ во Василево.

– Задоволство е кога се завршуваат вакви инфраструктурни објекти кои им биле ветени на граѓаните, со кои се подобрува животот и во посиромашните места. Во оваа градинка ќе бидат згрижени седумдесеттина дечиња од предучилишна возраст, со што ќе им се помогне во животот на младите родители. Градинката е направена со средства од програмата ИПА, преку Министерството за труд и социјална политика и општината и на тој начин решивме едно битно прашање од животот на овие граѓани, рече на отворањето Ставрески.

Додаде дека Владата е подготвена да ѝ даде поддршка на општината Василево за проекти кои се важни за нејзин развој.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека Министерството ќе продолжи да ги реализира активностите од владиниот Проект за изградба на 40 детски градинки во државата.

– Ова е деветтата градинка по ред која годинава ја пуштаме во употреба. Ми претставува задоволство што општина Василево ја добива првата градинка во која ќе бидат згрижени 70 дечиња, кои добиваат квалитетни услови за згрижување и воспитување. Градинката ја опреми Министерството со средства во висина од 3,5 милиони денари, рече Спасов.
Реализацијата на овој Проект за градоначалникот Ване Стојанов е доказ дека општинската администрација е подготвена и располага со капацитет за реализација на уште поголеми потфати.

– Оваа градинка е придобивка за сите жители, а пред сè за децата. Ова е голема помош за младите родители кои нема да губат време во згрижување на нивните деца. Општина Василево конкурираше со проект за добивање средства од програмата ИПА и без ниту една грешка во целост го реализираше, со што докажа дека има капацитет за реализација на уште посложени проекти, рече Стојанов.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window