Кочани, 9 декември 2013 (МИА) – Во населбата Усова чешма во Кочани денеска беа пуштени во употреба новоасфалтираните улици „Крум Вранински“ и „Мишо Арсов“ во вкупна должина од 800 метри.

Улиците ги пуштија во употреба вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на општина Кочани Ратко Димитровски.

– Деценискиот проблем на жителите од оваа населба е решен. Со средства од 3,5 милиони денари што ги одобри Владата преку проектот на Светска банка, како грант на општината Кочани е изградена улицата „Крум Вранински“. Ова е резултат на квалитетната изработка на проектот за реконструкција на водоводната мрежа, средна зона во Кочани во која Владата преку Светска банка и одобри на општината 600 илјади евра, рече Ставрески.

За наредната година најави инвестиција од нови 600 илјади евра, кои ќе бидат искористени за асфалтирање на девет улици во градот, како поддршка од Владата. Ставрески потсети дека за два месеци ќе почне изградбата на автопатот Штип – Кочани, но и оти ќе се работи на проширување на патот од Штип кон Кочани и Делчево.

Градоначалникот Димитровски информира дека општина Кочани од сопствениот буџет вложила дополнителни 3,6 милиони денари за асфалтирањето на улицата „Мишо Арсов“ и за изградба на 2.200 метри тротоари. Тој најави завршување на уште две улици во општината Кочани до крајот на годината.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.