17 септември 2018 година, Скопје – “Со поддршка на Светска банка, за кусо време успеавме да напредуваме во клучни реформи. Ажурирана е стратегијата за долгот, направена е тековна ревизија на Законот за јавен долг и ИТ системот за управување со долгот“, истакна заменик МФ Ширет Елези. Таа се обрати на отворањето на работилницата за „Проекција на паричните текови и управување со парични средства“ која се одржува во Министерство за финансии.
Работилницата е организирана од страна на Советодавната групација за управување со јавен долг на Светската банка. Истата се реализира во рамките на Програмата за управување со јавниот долг и ризиците, поддржана од Државниот секретаријат за економски прашања (SECO) на Швајцарија. На обуката покрај македонски претставници, има учесници од уште шест земји. Меѓу нив се: Тајланд, Албанија, Романија, Србија, Словенија и Косово.
Според ЗМФ Елези има напредок и во делот на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Креирани се мерки за понатамошен развој во овој сегмент.
„Оваа работилница е дел од „Програмата за управување со јавниот долг и ризиците“. Целта е да се зголеми свеста на управувачите со парични средства и долг за важноста на точните проекции на парични текови и солидни практики за управување со паричните средства“, потенцира Елези.
На отворањето се обрати и заменик амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томагиан.
“Еден од приоритетите на Швајцарија во Македонија е поддршка на Министерството во делот на зајакнување на управувањето со јавните финансии, со фокус на даночната администрација, управувањето со долгот и статистиката за јавните финансии. Особено во делот на управувањето со јавен долг Швајцарскиот Државен Секретаријат за Економски Прашања (СЕКО), во партнерство со Светската банка, обезбедува поддршка за земјите во развој, за управување со јавен долг и ризиците. Ова се спроведува во рамки на Програмата за управување со долг и ризици. Македонија се приклучи кон оваа програма пред речиси две години, и оттогаш е една од најактивните земји во групата, истакна Томагиан.