Скопје, 26 октомври 2016 (МИА) – Рангирањето на Македонија на 10-тото место во светот и 5-тото место во Европа во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка е историски резултат кој произлегува од големата посветеност и труд на Владата и претставува поттик да се продолжи со реформите за создавање поволна бизнис клима, оцени денес вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

На прес-конференцијата во Владата, вицепремиерот Пешевски посочи дека Македонија има континуиран напредок во извештајот на Светска банка и оти во споредба со 2007 година забележан е скок од 84 места.

– Овој континуиран напредок е резултат на напорната и координирана работа при што се спроведоа над 30 системски реформи со што се олесни работата на сите оние што водат компании, драстично се намалија административните процедури и времето за спроведување одредени постапки, истакна Пешевски.

Според него, најновото рангирање на Македонија е одлична вест и ќе придонесе за уште поголема афирмација на земјата во светски рамки.

– Извештајот „Дуинг бизнис“ е најреномиран светски економски извештај и има големо внимание кај светските мултинационални компании. Бизнис климата што ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, да продуцираат нови производи и да го зголемуваат извозот, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата, нагласи Пешевски.

Тој додаде дека резултатите од извештајот се особено значајни за Владата и оти светски реномирана финансиска институција го препознала трудот и вложениот ангажман во спроведувањето на економските реформи.

– Овие резултати можеа да бидат и подобри доколку во овие десет години, а особено во последните две, не ни се испречија неколку многу комплексни ситуации, кои го забавија процесот на спроведување на реформите, на еден или на друг начин, потенцира Пешевски. 

Министерот за финансии, Кирил Миноски, посочи дека процедурите за водење бизнис во сите сегменти во Македонија се значително олеснети, поедноставени и намалени, а скратени се и времето и трошоците.

– Благодарение на континуираните реформи и настојувања за постојано подобрување, денес во Македонија се стопанисува побрзо и поевтино за разлика од пред десет години или во однос на сегашните процедури во земјите од Европа, централна Азија и ОЕЦД. Така, денес во Македонија се плаќа трипати пониска ефективна даночна стапка, трипати побрзо се увезува и извезува стока при што извозот е удвоен, а трговскиот дефицит е намален, полесно се пристапува до кредити и многу побрзо се решаваат стечајните постапки, рече Миноски.

Тој посочи дека Македонија се наоѓа на 9. место во светот по индикаторот Плаќање даноци, на 16. место по индикаторот „Пристап до кредити“, на 27. местопо индикаторот „Услови за прекугранично тргување“ и на 32. место по „Решавање несолвентност“.

Во извештајот на Светска банка Македонија котира повисоко и во однос на останатите индикатори. Така, Македонија е четврта земја во светот по Нов Зеланд, Канада и Хонг Конг според тоа каде е најлесно да се започне бизнис, а на 11. позиција во светот според индикаторот за вадење градежни дозволи. Според индикаторот за заштита на малцински инвеститори, Македонија го зазема 13-тото место во светот, а уште една категорија каде што има значителен напредок е пристапот до електрична енергија при што е рангирана на 29. место.

Во извештајот „Дуинг бизнис“ кој ги прикажува условите за водење бизнис во 190 држави во светот, Македонија е подобро рангирана од Австралија, Германија, Австрија, Канада, Франција…. Според извештајот, Македонија е земја со најдобра бизнис клима на Балканот. Зад неа се Бугарија која е рангирана на 39. место, Србија на 47., Албанија на 58., Косово на 60. и Грција на 61. место.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.