Кавадарци, 31 март 2016 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, при денешната посета на Кавадарци, направи увид на почетокот на градежните работи за проширување на булеварот, кој е влез во градот и кој ќе овозможи подобар пристап на граѓаните кон централното градско подрачје. 

– Ова се надоврзува на низа други инфраструктурни проекти што се реализираа во изминатиот период. Тука се на пример, водоводната мрежа и изградбата на водоводот за Кавадарци и Росоман, со кој се реши децениско прашање, како и помали водоводни и канализациони мрежи во населените места. Тука се и спортските објекти и повеќенаменските спортски и тениски игралишта, две спортски сали, а во следниот период се очекуваат нови инвестиции. Постојано разговараме со градоначалникот, пратеникот и други претставници, да се најде решение за изградба на градинка во Кавадарци, бидејќи е очигледно дека граѓаните тоа го истакнуваат како еден од приоритетите, рече Ставрески.
Тој најави дека Владата и општината заеднички ќе најдат решение за овој проблем.

– Со еден проект на Министерството за финансии и Светска банка ќе поддржиме реновирање на три училишта во Кавадарци, во вредност од преку 700 илјади евра. И досега, а и понатаму, има проекти кои ќе значат подобрување на условите за живот на граѓаните на Кавадарци, без оглед дали се работи за инфраструктурни проекти или поддршка на компаниите за да реализираат нови инвестиции и вработувања, додаде вицепремиерот.

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов појасни дека излезот и влезот во градот ќе се прошири во должина од 350 метри и широчина од 17 метри. Целокупната инвестиција е околу 13 милиони денари.

– Во оваа сума не се влезени средствата потребни за плаќање на експроприраниот имот.  Очекувам комплетната сума да изнесува над 16 милиони денари, а е обезбедена од буџетот на Општината. Ова е првата фаза, а наредната година продолжуваме со втората, која исто така ја опфаќа таа должина. Со тоа ќе имаме едно подобро сообраќајно решение, рече градоначалникот.
Тој се заблагодари на Владата, Агенцијата за патишта и Македонија пат за обновувањето на асфалтниот пат од „Дрекслмаер“ до Кавадарци. Останати се уште 600 метри, за кои има договор да бидат реализирани оваа година. Со тоа, како што нагласи, ќе се стави крај на оваа капитална инвестиција за Кавадарци.

Вицепремиерот Ставрески се сретна и со претставници на Здружението на пензионери од Кавадарци, кои пред него ја изнесоа идејата за изградба на дом за стари лица, како и проектот во кавадаречкото село Чемерско под Кожуф каде сакаат да обезбедат место за одмор и рекреација за пензионерите.

– За тие две работи побаравме поддршка од Владата. Добивме ветување од вицепремиерот дека ќе ни помогнат и дека до август, штом ќе биде готов генералниот урбанистички план, Владата ќе донесе одлука со којашто ќе го прогласи за објект од посебен интерес, и тогаш постапката ќе се забрза, па до есен ќе можеме да удриме камен-темелник на домот за стари лица, рече Ристо Анѓушев, претседател на Извршниот одбор на Здружението.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.