18 ноември 2017, Скопје – Редовно исплаќање на тековните обврски на сите буџетски корисници, забрзување на повратот на ДДВ, како и подмирување на старите заостанати долгови се приоритет на Владата. Во оваа насока е и прераспределбата на средствата помеѓу буџетските корисници, која беше усвоена денеска од страна на Собранието на РМ на предлог на Министерството за финансии и Владата на РМ.
Вкупната реалокација на средства е 1,6 милијарди денари со кои ќе се исплатат поголеми заостанати стари долгови, како што е големата концертна сала за Македонската филхармонија која ќе се исплати целосно, потоа опремата во МВР, градежните работи на Факултетот за драмски уметности, на Албанскиот театар во Скопје, на театарот и библиотеката во Тетово, како и преводите на книги и бесплатни учебници.
– Извор за покривање на овие долгови се предложените намалувања од оние позиции кај кои се забележува послаба реализација и каде што е извесно дека планираните средства нема во целост да бидат искористени до крајот на годината. Со други зборови, се крати од оние ставки што нема да се реализираат, а тие средства се користат за отплата на наталожените обврски – истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, посочувајќи дека слабата реализација кај овие ставки се должи на политичката неизвесност во првата половина од годината, како и локалните избори во втората половина на годината.
Собранието на РМ даде поддршка за реалокација на средствата помеѓу буџетските корисници, со што се обезбедија средства за подмирување на старите заостанати долгови.
Министерството за финансии и Владата на РМ остануваат посветени на одговорниот однос кон јавните финансии, што подразбира уредно и навремено сервисирање на обврските.