Кратење на расходите меѓу 4 и 4,5 милијарди денари и проекција за растот на бруто домашниот производ за 2009 од минус 0,6, отсто, предвидува предлог ребалансот на буџетот што ќе биде разгледан на владина седница на 1 септември.
 
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески поладнево изјави дека корекциите на податоците за БДП се извршени согласно последните податоци за индустриското производство и останатите движења во реалниот сектор.
 
– Министерството за финансии ќе и предложи на Владата да оди со проекција за БДП од минус 0,6 проценти за 2009, значи негативен раст, при што нашите очекувања се дека во вториот квартал е остварен пад од околу два процента на БДП. Во третиот квартал ќе биде малку подобро од тоа, повторно очекуваме негативен раст, но помал околу 1 – 1,5 процент. Конечно излегување на македонската економија од рецесијата очекуваме при крајот на годинава, односно во последниот квартал од 2009 година за којшто предвидуваме раст од околу 1,5 процент. Сето тоа сумарно вкупно ќе даде БДП од минус 0,6 проценти за оваа година, истакна Ставрески во изјавата дадена пред Владата на Република Македонија.
 
Што се однесува до кратењето на расходите, се предлага тоа да биде меѓу 4 до 4,5 милијарди денари.
 
– Тоа значи едно сериозно кратење на буџетските расходи со што сметаме дека Буџетот ќе придонесе за елиминирање на макроекономските ризици и ќе се прилагоди на оваа светска економска криза. Ќе има кратење речиси во сите ставки, во стоки и услуги и во капиталните расходи, истакна Ставрески.
 
Тој додаде дека ќе има кратење и на некои понепродуктивни ставки како што се патувањата, трошоците на телефони, а некои проекти како што е проектот за набавка на автобуси, ќе се реализираат следната година(МИА)