12 февруари 2019, Скопје – Нето-задолжувањето по основ на државни хартии од вредност се намалува за 20 милиони денари (325 илјади евра). Имено, на аукцијата на државни хартии од вредност запишани се 1,6 милијарди денари (26 милиони евра), од кои утре ќе се врати приближно ист износ или 1,62 милијарди денари (26,3 милиони евра) по основ на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност.
На аукцијата беа запишани 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 1,1 милијарди денари со камата од 0,80% и 5-годишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 500 милиони денари со камата од 1,30%.
Од друга страна, претходно издадените државни хартии од вредност кои утре се отплаќаат 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 1,32 милијарди денари со камата од 1,20% и 12-месечни државни записи со девизна клаузула во износ од 300 милиони денари со камата од 0,90%.
Во текот на месец фeвруари по основ на претходно издадени државни хартии од вредност доспеваат за исплата 2,7 милијарди денари или 44 милиони евра.