1 февруари 2019, Скопје – На 28 јануари годинава, Македонија пристапи кон највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС Плус.  Пристапувањето кон СДДС плус значи поголема доверба кај меѓународните институции и инвеститори, како и меѓународно позиционирање на земјата. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на заедничката прес-конференција со гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска – Бежоска и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

– Ова ќе придонесе за поголема доверба и позиција кај меѓународните финансиски организации, кредитните рејтинг-агенции и, што е особено важно, кај инвеститорите. За меѓународните инвеститори и институции високите статистички стандарди се клучни. Ако веруваат во податоците, значи дека веруваат во државата. Со пристапувањето кон СДДС плус го јакнеме кредибилитетот на државата во меѓународни рамки – рече Тевдовски.

Гувернерката Анегловска – Бежоска посочи дека ова е голем исчекор и потврда за квалитетот на нашиот статистички систем.

– Република Македонија е осумнаесетта земја во светот, а втора од Југоисточна Европа што пристапува кон СДДС Плус, но прва меѓу земјите од регионот кои сѐ уште не се членки на Европската Унија – рече гувернерката и посочи дека овој успешен заеднички проект е јасна потврда за посветеноста на трите институции за постојано надградување на националните статистики и на нивното усогласување со најновите, највисоки меѓународни статистички стандарди.

Директорот на ДЗС, Симовски, рече дека значењето и важноста на примената на стандардите на ММФ, главните носители на статистички истражувања во нашиот национален статистички систем ги препознаа уште на почетокот на 2000-те, кога заеднички почнаа да работат на исполнувањето на критериумите за првиот стандард ГДДС кон кој Република Македонија пристапи во февруари 2004 година.

– Само за споредба, земјите од регионот Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, сѐ уште се во овој стандард – нагласи Симовски, по што истакна и дека веќе во ноември 2011 година Република Македонија премина кон повисокиот стандард СДДС – Специјален систем за дисеминација на податоци, во кој и денес се Словенија, Хрватска, Белгија, Грција, Унгарија, Руската Федерација и други.

Дел од стандардот СДДС Плус, кон кој нашава земја пристапи пред неколку дена, се и Соединетите Американски Држави, Канада, Франција, Германија, Австрија, Италија, Шведска и Јапонија.

Пристапувањето кон оној стандард на ММФ значително го зголемува и капацитетот на македонската економија за навремено утврдување и спречување на ранливостите во финансискиот сектор, како и на потенцијалните ризици во меѓусекторските изложености.

Исполнувањето на условите на стандардот СДДС Плус подразбира изготвување  девет нови категории податоци, од кои седум се во надлежност на НБРМ, а две се во надлежност на Министерството за финансии. Координатор на работната група што посветено работеше на пристапувањето кон овој стандард беше ДЗС, како координатор и на националниот статистички систем.

По пристапувањето кон СДДС Плус, пред главните носители на статистичките истражувања во земјава има уште предизвици. Конкретно, по изготвувањето и доставувањето на првите пет, во натамошниот период, како дел од овој стандард на ММФ, ќе бидат испорачани уште четири статистички показатели кои се однесуваат на статистиката на хартии од вредност, статистиката за финансиски сметки и статистиката на јавните финансии. „Имаме визија, имаме тимови од одговорни професионалци кои секојдневно работат на остварување на целите што пред нас ги постави СДДС Плус, имаме одлична меѓуинституционална соработка… Сето ова, што е и неопходно за градење и развивање современа и квалитетна статистика, ни е гаранција дека ќе успееме до крај“, беше порачано на денешниот настан.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.