Скопје, 19 јуни 2012 (МИА) – Поради зголемениот интерес од руски компании за можностите за инвестирање што ги нуди Македонија, премиерот Никола Груевски и владиниот тим синоќа во Москва одржаа повеќе работни средби со претставници на неколку фирми.
Станува збор за компании кои веќе имаат покажано интерес за проширување на нивниот бизнис и капитал надвор од Русија и кои заради одличните услови за инвестирање што ги нуди, својот поглед го имаат свртено кон Македонија, информира владината прес-служба.
Заинтересираните компании се од областа на текстилната индустрија, фармацијата, градежништвото и енергетиката.
Македонскиот владин тим кој е во неколкудневна посета на Русија, денеска ќе ги промовира инвестициските можности и поволностите за отворање и реализација на бизнис во Македонија на бизнис форум во градот Владимир. Предвиденo e владиниот тим во чиј состaв се вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за економија Ваљон Сарачини и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, да има средба и со губернаторот на Владимирската област, Николај Виноградов.
Престојот во Руската Федерација македонскиот економски тим го почна со посета на Москва каде што учествуваше на бизнис форум организиран од Трговско-индустриската Комора на Русија. Премиерот Груевски се сретна со губернаторот на Московската област Сергеј Шојгу, како и со менаџерскиот тим на компанијата „Протек Груп“.