27 ноември 2019, Скопје – Tретманот на отпадните води од градот Скопје ќе биде трајно решен со изградба на пречистителна станица, со што ќе се намали загадувањето на реката Вардар и ќе се подигнат стандардите за заштита на животната средина. Владата, на последната седница, ги усвои законите за финансирање на проектот и ги проследи до Собранието.

Имплементатор на проектот ќе биде ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во соработка со градот Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за финансии. Изградбата на пречистителната станица треба да започне во 2020 година.

За реализација на овој крупен инфраструктурен зафат ќе се обезбедат 68 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ), 58 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) како и грант средства од ЕИБ преку Иницијативата за јакнење на отпорноста на економијата (Economic Resilience Initiative – ERI) во износ од 10 милиони евра, или вкупно 136 милиони евра. Владата ќе преземе активности во соработка со ЕИБ и ЕБОР за обезбедување  дополнителни грант средства за инвестиции во овој проект, за да се намалат износите на заемите.

Пречистителната станица ќе биде лоцирана во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар во областа Трубарево и ќе опслужува над 500.000 жители. Овој еколошки проект ќе овозможи третман на урбаните отпадни води согласно стандардите на ЕУ. Изработката на Физибилити студијата за пречистителната станица за отпадни води во Скопје беше финансирана од Владата на Република Франција. 

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window