Скопје, 16 мај 2012 (МИА) – Рокот за аплицирање за субвенциониран станбен кредит преку проектот „Купи куќа купи стан“ се продолжува до 31 октомври 2012 година. Целта е да им се излезе во пресрет на граѓаните и градежниците, кои изразија голем интерес за овој проект.
Како што соопшти Министерството за финансии, до крајот на годината ќе се објават уште четири јавни повици на кои заинтересираните граѓани ќе може да поднесат апликација кај деловните банки. Првиот од нив ќе биде од 1 јуни до 15 јули, вториот од 16 јули до 31 август, третиот од 1 септември до 30 септември и четвртиот од 1 октомври до 31 октомври. Деловните банки и Министерството за финансии како и досега по истекот на секој јавен повик ќе одлучуваат по барањата на граѓаните, со цел побргу да се реализира купопродажбата.
Проектот стартуваше на 25 јануари 2012 година, а крајниот рок беше до 31 мај. Досега беа објавени четири јавни повика, а досега се доделени 50 субвенционирани кредити.
Барањата може да се поднесуваат до НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка – Скопје, Охридска банка, Шпаркасе, Прокредит банка, Алфа банка, ТТК банка и Стопанска банка – Битола. Услов за учество во проектот е барателите на кредитот да немаат примања поголеми од 900 евра месечно, цената на недвижноста да не биде над 900 евра метар квадратен, а кредитот да не надминува 50.000 евра.
Граѓаните може да изберат меѓу двата модела. Првиот е половина рата и тој дава шанса Владата пет години да отплаќа половина од месечната рата од станбениот кредит на граѓаните. Вториот модел е половина учество, Владата ќе плаќа половина од учеството за да се добие станбен кредит. И кај двата модели каматната стапка е повластена, односно значително помала од пазарната. Во случајот на моделот половина рата каматната стапка што е 4,99 проценти во првите три години, односно 5,5 проценти во четвртата и петтата година. Кај вториот модел каматната стапка е еуролибор плус 4,5 проценти и таа ќе биде за цело време на проектот.