Скопје, 29 јуни 2015 (МИА) – Жителите од населбите Шуто Оризари и дел од Скопје Север на есен следната година ќе добијат нов систем за водоснабдување. За таа цел денес почна изградбата на новиот систем за водоснабдување во општина Шуто Оризари.
Почетокот на градежните работи го означија премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалниците на Град Скопје и на Шуто Оризари Коце Трајановски и Елвис Бајрам.
– Проблемот со водоснабдувањето е децениски проблем на овдешните жители. Со години наназад граѓаните мака мачат поради честите рестрикции со вода за пиење и доста често мораше да се интервенира со носење вода во цистерни. Ова е најголемиот проблем на Шуто Оризари, рече Груевски.
Вкупната вредност на проектот, како што истакна, изнесува околу 182 милиони денари или околу три милиони евра, со што овој проект е меѓу најголемите и највредните во Град Скопје.
Премиерот Груевски истакна дека во општина Шуто Оризари се реализирани повеќе проекти, како што се ново повеќенаменско спортско игралиште, доградба на две основни училишта „Браќа Рамиз и Хамид“ и „26 Јули“, изградба на ново средно училиште „Шаип Јусуф“, ќе се гради нова спортска сала…
Тој посочи дека филозофијата на оваа Влада е само работа. – Еден проект завршува, друг веднаш почнува. Само на тој начин и со тоа темпо ќе успееме да го направиме сето она што не било направено во минатото, рече Груевски.
Вицепремиерот Ставрески образложи како дошло до реализација на овој проект кој, како што рече, се реализира со заеднички сили.
– Општина Шуто Оризари ќе добие водовод кој ќе обезбеди чиста вода за пиење на повеќе од 20 илјади жители и еднаш за секогаш ќе се реши ова децениско прашање, нагласи Ставрески.
Градоначалникот Трајановски потенцира дека се работи за заеднички проект на Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ и општина Шуто Оризари.
Новопланираниот водоснабдителен систем ќе опфати изградба на резервоар од 4.350 метри кубни во близина на постојните резервоари на ЈП „Водовод и канализација“ на улицата „Гвадалахара“, пумпна станица кај поранешната фабрика на АД ТИПО на булеварот „Словенија“ и цевковод со должина од 2,3 километри и профил од 500 милиметри, кој ќе води од пумпната станица па низ улиците „Шуто Оризари“, „Виничка“ „Че Гевара“, „Плачковица“ и „Бутелски венец“.
На изградбата на новиот водоснабдителен систем во Шуто Оризари ќе работат екипите на градежната компанија „Хидрострој ЈСЦ“ од Бугарија.