Скопје, 14 април (МИА) – Министерот за финансии Трајко Славески денеска оцени дека не постои никаква причина за штрајк на контролорите на летање, кои најавија дека в четврток неколу часа ќе го прекинат работењето доколку Управата за јавни приходи ја блокира сметката на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
– Мислам дека не постои никаква причина за штрајк на контролорите на летање. Тоа дојде и од препораката од раководството на Агенцијата за цивилно воздухопловство, изјави Славески.
Според министерот за финансии, согласно Законот за даночна постапка УЈП има донесено одлука да не го извршува решението и не може да ја блокира сметката додека не поминат сите законски процедури во жалбена постапка.
– Жалба од Управата досега не е пристигната, но имаме информации дека била поднесена, рече министерот Славески, одговарајќи на новинарски прашања по свеченоста за одбележување на Денот на царината.
Коментирајќи го исходот од денешната средба со економските експерти во Владата, Славески рече оти идеите што биле изнесени од стручните лица се корисни и оти владиниот кабинет ќе ги разгледа.
Тие што се совпаѓаат со престојниот пакет што ќе биде придружен со ребалансот на Буџетот ќе бидат вградени, посочи Славески.
Прашан дали власта ќе ја послуша препораката на експертите за склучување аранжман со Меѓународниот монетарен фонд, Славески рече дека се отворени сите опции.
Министерот за финансии го коментираше и зголемувањето на каматите кај комерцијалните банки, во кое, како што рече државата нема некакво влијание.
– Проблемот е во недостигот на капиталот во земјата, односно што банките за да обезбедат средства кои би ги позајмувале ги добиваат со се повисока цена.
Верувам дека нема никакво влијание улогата на државата тука. Ние позајмувавме на пазарот за да ја одржуваме неговата кондиција и во период кога Буџетот пливаше со пари. Ние не можевме да го укинеме пазарот и нема да го укинеме зашто побарувачката за нашиот производ за државните записи постои, истакна Славески.
Тој додаде дека банките имаат ликвидност и не позајмуваат од Централната банка.
– Додека сум јас министер за финансии нема случај Централната банка да им дава пари на комерцијалните банки, рече министерот Славески. скс/лв/16:32