Скопје, 28 декември 2012 (МИА) – Собранието на Република Македонија во рамки на продолжението на 47. седница го донесе Законот за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој-Светската банка по Договорот за заем за Прв програмски заем за развојни политики за конкурентност, Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2013 година и измените и дополнувањата на Законот за буџетите.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека првиот програмски заем за развојни политики од Светска Банка е наменет за подобрување на конкурентноста на македонската економија и се доделува врз основа на исполнување на сите услови што се поврзани со реформи во неколку области поврзани со конкурентноста.
– Клучните четири активности што се поддржуваат со овој заем се во следните области: производство со повисока додадена вредност, олеснување на преструктуирањето на земјоделскиот сектор, подобрување на ефикасноста на услугите за трговска логистика и поголема флексибилност на пазарот на труд, рече Ставрески.
Владата на Република Македонија, истакна тој, ги исполни сите услови за проектот да биде презентиран пред Бордот на извршни директори на СБ, а тоа се следните: усвојување на законот за измени и дополнување на Законот за ТИРЗ со што на Дирекцијата за ТИРЗ се дава законска надлежност да дава едношалтерски услуги, усвојување на стратегија за промоција на извозот што содржи и Акциски план за поддршка на извозниците, МЗШВ да воспостави функционален електронски систем за управување со земјиштето, Владата на РМ да усвои петгодишна национална програма за развој на земјоделството и рурален развој за периодот 2013-2017 во насока на зголемување на ефикасноста на земјоделското производство, овластување на Царинската управа за координација на инспекциите на различни инспекциски органи на клучните гранични премини, делување на квартални податоци од страна на ЦУ за времето на чекање за завршување на царинските формалности, Министерството за транспорт и врски да отпочне со дистрибуција на годишните ЦЕМТ дозволи преку систем што им дава приоритет на возилата со Еуро 4 и Еуро 5 стандард, усвојување на законот за измени и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност со којшто се дефинираат невработените како активни баратели на работа, усвојување на законот за измени и дополнување на Законот за вработување и работа на странци со цел да се рационализираат постапките за издавање на визи.
– Тоа се деветте услови што Владата ги исполни за обезбедувањето на овие средства, изјави Ставрески.
Средствата се доделени под исклучително поволни услови, нагласи вицепремиерот, под услови што веројатно не можат да се сретнат никаде на пазарот на капитал. – Рокот на отплата е 18 години со вклучен грејс-период од пет години, каматната стапка е ниска во моментов 0,58 проценти, рече Ставрески.
Павле Трајанов од Демократскиот сојуз рече дека сега се зголемуваат обврските за парламентарното мнозинство, кое, според него, треба поизострено да се разгледува законите во отсуство на поголем дел од опозициските пратеници.
– Сакам, да укажам на две битни работи. Треба да бидеме крајно претпазливи околу задолжувањата, рече Трајанов посочувајќи дека се работи за еден арнжман кој е со исклучително поволни услови, рече Трајанов.
Пратениците ја констатираа потребата од донесување на дополнувањето на Законот за матичната евиденција, измените на Законот за постапување по претставки и предлози, за Предлог закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, Предлог на закон за автокампови, за измените и дополнувањата на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, на Законот за превоз во патниот сообраќај, на Законот за агенциите за привремени вработувања, на Законот за работните односи, на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.
Седницата беше прекината. На дневен ред на 47.седница се Измените и дополнувањата на Изборниот законик, Предлог на закон за дополнување на Кривичниот законик, и Предлог на Закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со општествена и државна сопственост, трите во прво читање, а поднесени се од опозициските пратеници.