Скопје, 20 август 2015 (МИА) – Со 62 гласа за и 7 против Собранието на Република Македонија попладнево ги донесе измените и дополнувањата на Буџетот за 2015 година.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денес, образложувајќи го предложениот ребаланс на Буџетот за 2015 година во рамки на 62. седница на Собранието , истакна дека остварувањето на Буџетот за 2015 година во првите седум месеци било подобро од очекувањата, а прибраните приходи повисоки од планираните. Тие, рече Ставрески, со предложениот ребаланс на Буџетот ќе се преточат на расходната страна за политики, мерки, активности и проекти кои претходно беа најавени.
Потенцира дека реализацијата на Буџетот на расходната страна се одвивал согласно со предвиденото и оти вкупните приходи биле подобри и од очекувањата и од минатата година.
– Во првите седум месеци од годинава остваривме вкупно 92 милијарди и 579 милиони денари приходи во Буџетот што е за 11 милијарди и 160 милиони денари или за 13,7 проценти повеќе во однос на истиот период од минатата година. Ваква реализација на приходната страна на некој начин овозможи ликвидноста на Буџетот да биде извонредно добра, да има редовност во плаќањето на обврските кон фирмите и кон корисниците на средства од Буџетот, но и за да се релаксираат односите во плаќањето во земјата. Од друга страна, пак, овозможи вишокот средства над планираните да се распореди преку ребалансот. Токму тоа е причината зошто се предлага, за разлика од минатите години кога се предлагаше поради недостиг на приходи во Буџетот, рече вицепремиерот Ставрески.
Појасни дека кај даночните приходи има намалување на ДДВ, но оти тоа е компензирано со повисоките приходи од данокот на добивка и акцизите.
Кај данокот на добивка приходите се за 5 милијарди и 142 милиона денари или за 165 проценти повисоки од 2014 година, а приходите од акцизи се за 1 милијарда и 981 милион денари или 22 процента повисоки од лани. Добри биле и приходите од здравствено и пензиско осигурување.
Повисоките приходи и расходите на планираното ниво, според Ставрески, овозможиле вишок средства во Буџетот.
Расходите, пак, рече Ставрески, во првите седум месеци достигнале до 103 милијарди 686 милиони денари и биле во рамки на планираното. Редовно, додаде вицепремиерот, се исплаќаа сите буџетски корисници во делот на платите, стоките и услугите, како и трансферите во чии рамки се реализираа и предвидените мерки за зголемување на социјалната помош, редовна исплата на пензиите, субвенциите и слично.
Тој потенцира дека кај капиталните расходи се предвидени за 1,115 милијарда денари повеќе средства, со што ќе се интензивираат активностите за неколку проекти од приоритетно значење.
Најголем износ, односно 370 милиони денари, ќе биде издвоен за изградба на првиот крак од гасоводот во правец Клечовце – Штип. Обезбедени се и дополнителни 377 милиони денари за проширување на сметките за проекти за водоводи и канализации во сите општини во Република Македонија. Дополнителни 222 милиона денари има и за Министерството за образование и наука за проектот за реконструкција и реновирање училишта. Предвидени се и дополнителни 60 милиони денари за финансирање на реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Со ребалансот, како што рече, предвидени се и средства за редовна исплата на зголемената социјална помош за 10 проценти, дополнителни средства за исплата на помошта за сите ранливи категории, за зголемување на пензиите за 5 проценти од октомври, како и за стипендиите.
Ставрески истакна дека со ребалансот се очекува да се задржи буџетскиот дефицит и да се одржи нивото на јавниот и на државниот долг.
Како што посочи, буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 проценти, нивото на јавниот долг е 43,7 проценти од БДП, а на државниот долг 36 проценти од БДП со што Република Македонија останува во зоната на ниско до умерена задолженост.
Со ребалансот, проекцијата за растот на БДП изнесува 3,5 проценти и е за 0,5 отсто пониска од првично проектираната, што се должи на сложените услови во кои функционираше македонската економија изминативе неколку месеци.