Собранието на Република Македонија попладнево со 66 гласа за, еден против и без воздржани, го донесе Буџетот за 2010 година, според кој приходите се планирани на 143 милијарди и 257 милиони денари, а расходите на 153 милијарди и 720 милиони денари. Дефицитот е проектиран на 2,5 проценти од БДП и ќе изнесува 10 милијарди и 460 милиони денари.
 
Кај приходите има зголемување од 3,4 проценти, а кај расходите за 2,8 отсто. Владината проекција за 2010 година е дека растот на БДП ќе биде два отсто, а на максимум два отсто е планирана и годишната стапка на инфлација.
 
Буџетот според предлагачот е развоен, реален и со подобрена структура. Пораст е предвиден кај субвенциите за 10,9 отсто, кај социјалните трансфери за 1,8 осто, капиталните расходи ќе се зголемат за 16,2 отсто. За образованието се предвидени 21,285 милијарди денари, за здравството 19,756 милијарди денари, за социјална и детска заштита 49,920 милијарди денари, за инфраструктура и економски развој 18,983 милијарди денари, за земјоделството 7,490 милијарди. Со Буџетот не се предвидени зголемувања на платите на администрацијата, а ќе се води и стрикна дисциплина кај вработувњата во јавниот сектор. Расходите за плати се пониски за 2,8 отсто, а помал износ е предвиден и за ставката стоки и услуги за 9,8 отсто.
 
Буџетскиот дефицит ќе се финансира од домашни и странски извори при што домашното задолжување ќе биде за 11 проценти помало од 2009 година. Проектирано е на 3,898 милијарди денари. Надворешното задолжување се планира да биде од Светска банка и ЕБРД за инфраструктурни проекти, договорената буџетска поддршка од Светска банка од 30 милиони долари, како и од други извори.
 
Опозицијата во расправата го оцени буџетот за 2010 година како нереален, неразвоен и штетен.
 
Пратениците ја продолжија работата по дневниот ред на 83-та собраниска седница, со дебата за дополнетиот Предлог закон за извршување на Буџетот за 2010 година, по скратена постапка.(МИА)