22 декември 2017 Скопје – Собранието го усвои Буџетот за 2018 година. Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, буџетот го рефлектира ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството – повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, владеење на правото, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.
Во Буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за клучните столбови на општеството: повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции, а има и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски.
Вкупните приходи на консолидираниот буџет за 2018 година се планирани на ниво од 193,5 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 211,7 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит од 18,2 милијарди денари во абсолутен износ, односно 2,7% од БДП. Ова претставува намалување на дефицитот (од 2,9% во 2017 година), што најдобро ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи.