30 јули 2018, Скопје – Хармонизација со законодавството на Европската унија, побрз проток на стоки и олабавување на казнената политика, предвидуваат измените и дополнувањата на Царинскиот закон, кои денеска ги усвои Собранието на Република Македонија.

– Целта на измените е подобрување на легислативата во насока на создавање  униформна, правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок. Со предложените измени во прекршочните одредби се врши намалување на глобата од 250 на 50 евра за правно лице и од 50 на 15 евра за физичко лице, за делот од царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог – рече министерот за финансии Драган Тевдовски во експозето на Законот.

Со предложените измени се овозможува заемно признавање на издадените одобренија за овластен економски оператор во рамките на ЦЕФТА, што ќе придонесе за олеснување на регионалната трговија. Ова е голема придобивка за македонските трговски друштва што тргуваат во регионот, на кои ќе им се овозможи побрз проток на стоката што се извезува, помалку физички и документарни контроли и можност да го одберат местото каде што ќе се спроведат контролите.

Со измените на Законот се врши и усогласување со Конвенцијата за заедничка транзитна постапка. Со овие измени се усогласуваат одредбите кои се однесуваат на употреба на гаранции за обезбедување плаќање на царинскиот долг или други давачки кои можат да настанат во врска со стоката ставена во транзитна постапка.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.