Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) www.ebrd.com е основана во 1991 година со седиште во Лондон со цел финансирање структурни проекти во поранешните социјалистички земји од Централна и Источна Европа, поддржувајќи ги во нивната транзиција кон пазарната економија и во изградбата на демократски општества.

Во моментов, ЕБОР се смета за еден од најголемите инвеститори во регионот, кој привлекува големи странски директни инвестиции како резултат на своето финансирање. Банката е во сопственост на своите земји – членки, односно на 65 држави, меѓу кои и Република Северна Македонија и 2 меѓувладини институции (http://www.ebrd.com/pages/about/who/shareholders.shtml). Капиталот на Банката е обезбеден од нејзините земји – членки. Сепак, и покрај фактот што земјите – членки се јавуваат како акционери, ЕБОР покрај во јавниот сектор, инвестира и во приватниот сектор.

ЕБОР обезбедува финансирање за банките, индустриите и бизнисите, односно финансирање нови инвестиции и инвестиции во веќе постоечки компании. Дополнително, ЕБОР работи со претпријатија кои се во државна сопственост, односно ја помага нивната приватизација, преструктуирање и подобрување на услугите на општините. Мандатот на ЕБОР изречно укажува дека Банката работи со земји кои се посветени на демократските принципи. ЕБОР исто така ја нагласува политиката на заштита на животната средина, која е дел од сите инвестиции на ЕБОР.

ЕБОР е активна во Република Северна Македонија уште од 1993 година и е еден од најголемите инвеститори во земјата. Соработката на ЕБОР со Република Македонија се одвива во рамки на приоритетните сектори и цели утврдени во Стратегијата за соработка на ЕБОР со Република Северна Македонија за периодот 2019-2024, којашто е одобрена на 22.05.2019 година од страна на Одборот на директори на ЕБОР. Во Стратегијата фокусот е ставен на следните 3 области:

  1. поддршка на конкурентноста преку подобрување на синџирите на вредности, надградба на вештините на работната сила и јакнење на управувањето;
  2. зајакнување на регионалната интеграција, „меко поврзување“ и поддршка на приближувањето кон ЕУ; и
  3. поддршка на транзицијата кон „зелена економија“ преку одржлив енергетски микс и поголема ефикасност на ресурсите.

Тековни проекти финансирани од Европска банка за обнова и развој

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.

Close Search Window