7 декември 2018, Скопје – Над 500 ученици во село Черкези, Кумановско, добија подобри услови за настава преку грант средства од инструментот ИПА. Грант средствата во износ од 1,96 милион денари за реновирање на основното училиште „Јероним Де Рада“, се доделени преку Проектот за подобрување на општинските услуги, кој го реализира Министерството за финансии со поддршка и средства на Светска банка и Европската Унија.

Со реновирање на училишната зграда, обезбедени се подобри услови за 530 ученици, како и за 58 вработени во училиштето. Направена е промена на внатрешната столарија, поставени се гипсени плочи на таванот, заменети се подовите, санирани се дупнатините и извршено е молерисување.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека Проектот за подобрување на општинските услуги поддржува подобри услуги во сите општини во земјата, што вклучува и подобри услови за настава во училиштата и градинките. Тој рече дека преку Проектот, но и со други мерки и реформи, Владата настојува да го подобри образовниот процес во земјата.

– За одржлив економски раст и подобар животен стандард, треба да се инвестира во човечкиот потенцијал. Инвестициите во oбразованието се од исклучително значење. Секој од нас е добар во нешто и има нешто да понуди. Определбата на нашата Влада е да вложува во образованието – како во образовната инфраструктура, така и во подобрување на квалитетот на образовните програми. Следната година во Буџетот се издвоени 27,4 милијарди денари за образование, што е за 2 милијарди повеќе во однос на годинава – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар истакна дека според финансиските средства можеби ова е мал проект, но со огромно влијание, бидејќи ги подобрува условите за настава за децата во училиштето.

– Првите години во образованието на децата се најважни за нивниот правилен развој. Токму поради таа причина од огромна важност е децата да имаат соодветни услови за учење. Со овој проект се работи токму на оваа цел – рече Жбогар.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски посочи дека преку вакви инфраструктурни проекти општината работи на подобрување на условите за живот во руралните средини.

– Една од стратешките цели во Потстратегијата за рурален развој на општината е подобрување на условите за живот на населението во руралните средини преку реализирање на конкретната цел, односно подигање на стандардите на живеење преку имплементација на инфраструктурни проекти, како што е овој проект за адаптација на училиштето – рече Димитриевски.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели посочи дека адаптацијата на училиштето е дел од поголем проект. Преку Проектот за подобрување на општинските услуги се реализирани повеќе инфраструктурни проекти, кои допринеле за подобри услови за живот за голем број граѓани во земјава.

– Ова е дел од посеопфатна програма што ја спроведуваме заедно со Министерството за финансии во рамки на МСИП проектот. Во рамки на таа програма 12.900 семејства имаат чиста и поквалитетна вода за пиење и повеќе од 524.500 граѓани имаат пристап до подобри комунални услуги – рече Мантованели.

Проектот за подобрување на општинските услуги овозможува финансирање  капитални општински проекти како водоснабдување, канализација и одведување на отпадните води, енергетска ефикасност (улично осветлување, изолација на општински објекти и сл.), локална патна инфраструктура (модернизација и реконструкција на улици и патишта), комунални услуги (набавка на возила за јавните комунални претпријатија) како и други општински услуги и надлежности (изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриски зони и сл.).

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.