25 септември 2020 година, Скопје – „Соединетите Американски Државни се еден од најзначајните стратешки партнери на Република Северна Македонија. Одличните политички релации меѓу двете земји треба да поттикнат и попродлабочена економска соработка во блиска иднина. Очекуваме зголемен број директни инвестиции од САД во следниот период, коишто ќе креираат работни места за високо едуциран кадар и извоз на добра со повисока додадена вредност“ – ова се пораките што министерот за финансии, Фатмир Бесими ги упати на денешната официјална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз, која беше придружувана од раководителот на канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски.
Преку Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД), САД досега имаат инвестирано околу 640 милиони долари во нашата држава, пред сѐ во политики коишто се насочени кон економски раст и зајакнување на демократските практики и институции. Двете држави имаат склучено и Договор за развојна соработка, чија цел е забрзан раст на приватниот сектор, поголема вклученост и информираност на граѓаните во процесите на донесување одлуки, поттикнување на доброто владеење и зајакнување на кохезијата во општеството.
Министерот Бесими истакна дека гледа можности за интензивирање на соработката во нови проекти коишто ќе дадат нова додадена вредност.
– Клучно за поттикнување економски раст на среден и долг рок се реформите во областа на добро владеење, обезбедување одржлив раст, поттикнување на конкурентноста, зајакнување на човечките ресурси и дигитализација на економијата. Тоа треба да придонесе кон забрзување на економскиот раст од 2,6% колку што изнесуваше минатата деценија на 4% до 5% просечен годишен раст во наредниот период. Ваквата амбициозна цел ќе значи и стратешко планирање и имплементација на Буџетот, што ќе го постигнеме со воспоставување СМАРТ финансии. Во рамки на овој систем, а преку мерење на индикаторите за успешност, ќе се следи реализацијата на капиталните инвестиции, како и економските политики и реформи – истакна министерот и додаде дека во делот на дигитализацијата гледа големи можности за соработка со Соединетите Американски Држави со оглед на тоа дека голем дел од македонските информатичари веќе соработуваат со компании од ИТ индустријата во САД.
Тој притоа ја информира амбасадорката, дека во моментов се работи на четвртиот пакет-мерки како дел од економскиот план за справување со здравствено – економската криза, којшто ќе биде потаргетиран, a дел од мерките ќе се редизајнираат со цел зголемување на нивната ефикасност.
Министерот воедно ѝ се заблагодари на амбасадорката за долгогодишната континуирана поддршка што САД ѝ ја даваат на Северна Македонија.
Амбасадорката Брнз му го честита изборот за министер, посакувајќи му успех во работата и ја потврди заложбата за натамошна поддршка од страна на САД како стратешки партнер. Амбасадорката истакна дека сега, како членка на НАТО и со отпочнати преговори со ЕУ, нашата држава станува попривлечна земја за инвестиции, што создава перспективи за побрз економски раст. Во таа насока, таа порача дека владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе бидат клучни фактори во подобрување на деловната клима и остварување на стратешките цели за побрз, одржлив и инклузивен раст.
Двете страни се согласија дека клучно во ова време е справување со здравствено – економската криза, но истовремено и одржување макроекономска и финансиска стабилност, којашто ќе придонесе за побрз и одржлив раст на долг рок.