Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и претставници на Владата предводени од премиерот Никола Груевски денеска разговараа за неколку суштински прашања поврзани со процесот на децентрализација како што се финансирањето на општините и издавањето на општински обврзници.
 
Првите обврзници што треба да бидат издадени од страна на општините се очекуваат во првата половина на идната година откако ќе завршат потребните подготовки.
 
– Издавањето на општински обврзници се случува првпат во Република Македонија. Постои согласност од двете страни со помош на УСАИД да работат на ова прашање. Очекуваме во првата половина на следната година да се завршат подготовките и првите македонски општини да излезат со обврзници, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
 
На општините кои поради блокираните сметки не може да преминат во втората фаза од децентралзиацијата ќе им се помогне со позајмици од Владата кои ќе се даваат за подолг временски период, а ќе се разговара и со фирмите да се пролонгира рокот или да се репрограмираат долговите што општините ги имаат кон нив.
 
– Ќе се разговара околу давањето на позајмница за подолг временски период согласно буџетите на општините да можат да ги вратат на повеќе од пет до десет години. Исто така ќе разговараме и со фирмите со кои се задолжени општините околу репрограмирање или пролонгирање на овие долгови, изјави претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски.
 
Вицепремиерот Ставрески најави дека Владата ќе продолжи со издавање на позајмици со цел да се одблокираат сметките и општините да ги исполнат другите обврски неопходни за премин во втората фаза.
 
Општините се задоволни од проектираниот буџет за образованието за идната година, а се надеваат дека периодот од шест месеци до 1 јули 2011 година ќе биде доволен за да се подготват да ги преземат надлежностите за располагање со државното градежно земјиште од Министереството за транспорт.
 
– Мислиме дека е доволен периодот за нашите кадри да се обучат како да менаџираат со ова земјиште, рече Трајановски.(МИА)