Прага, 26 ноември 2014 (МИА) – Потпретседателот на македонската Влада и министер за финансии Зоран Ставрески, за време на работната посета на Чешка, се сретна со својот колега, вицепремиерот и министер за финансии Андреј Бабиш.
На средбата, како што информираа двајцата министри, размениле искуства за економските политики што ги спроведуваат двете земји, со цел да се создаде подобар економски амбиент и да се овозможи раст на економиите.
– Средбата со министерот Бабиш ја реафирмираше поддршката што Чешка ја дава во процесот на интеграција на Македонија во Европската унија, изјави Ставрески.
Според него, заедничка била констатацијата дека во двете земји економските политики се здраво поставени, со добар економски раст и висок степен на макроекономска стабилност, а ниско ниво на задолженост кое за двете земји се движи околу 40 проценти од Бруто домашниот производ (БДП).
– Македонската и чешката економија имаат солиден раст во текот на оваа година. Македонија е со највисок раст во Европа и тоа создава основа за средби со чешките компании, бидејќи е очигледно дека има интерес за инвестирање надвор од нивната држава, изјави Ставрески потенцирајќи ја улогата на дебатата меѓу чешката и македонската бизнис заедница.
Ставрески истакна дека пред чешките фирми беа објаснети можностите кои Македонија ги нуди преку добрата бизнис клима, преку ниските даноци и преку можноста да се произведува во Македонија, а да се продава на пазарот на 650 милиони потрошувачи, бидејќи Македонија има потпишано договори за слободна трговија со голем број земји, вклучително и земјите членки на ЕУ.