Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и Вицепремиерот и Министер за финансии, Зоран Ставрески денеска се сретнаа со делегација на француската банка Сосиете Женерал Груп, предводена од Жан-Луј Матеи, директор на меѓународната мрежа на банката.
 
По средбата, во изјава за медиумите, министерот Ставрески рече дека Сосиете Женерал Груп по доаѓањето во Македонија успеала да добие дел од кредитниот пазар и да го удвои бројот на вработени.
 
– Банката успеа да го зголеми бројот на експозитури и што е најважно да донесе знаење и професионални стандарди кои му беа потребни на македонскиот банкарски систем. Верувам дека ќе успееме да реализираме доста од проектите кои се во заеднички интерес за македонската економија, изјави вицепремиерот Ставрески.
 
Според Жан-Луј Матеи, Сосиете Женерал Груп е четврта банка во Македонија.- Заинтересирани сме за развојот на Македонија како земја. Во изминатиот период банката забележа значителен прогрес. Во меѓувреме имлементиравме бизнис модел кој генерално се применува во сите банки. За Охридска банка не може да кажеме дека е унифицирана по тој модел, затоа што секогаш ги почитуваме и локалните стандарди, што значи дека таа е пред се македонска банка, рече Матеи.
 
Тој истакна дека се развиваат паралелно на подрачјето на двата пазарни сегменти, односно население и правни субјекти. – Очекуваме менаџери од Охридска банка од Македонија во иднина да преминат на позиции во банки надвор од земјава, каде е присутна Сосиете Женерал Груп, додаде Матеи.
 
На средбата присуствуваше и Јитка Пантучкова од Република Чешка, која од почетокот на следната година ќе ја заземе функцијата претседател на Управниот одбор на Охридска банка.(МИА)