Република Македонија и годинава ќе добие 50-тина милиони евра од Светска банка, но многу позначаен и посуштински е трансферот на знаења што ќе ни биде пренесен за подобрување на капацитетот на институциите во државата и дизајнирање на реформите.
 
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба со управниот директор на Светска банка Нгози Оконџо-Ивеала во Владата на Република Македонија.
 
Тој посочи дека дел од средствата ќе се наменат за буџетска поддршка, за регионалниот проект за осигурување од природни непогоди и други катастрофи, како и за поддршка за реализација на проект во енергетскиот сектор, продолжување на проектот за катастарот со Управата за имотно-правни работи и за други инвестициски проекти.
 
– Останува да се договорат дел од проектите и за идните години зависно од агендата на Владата и од потребата за зајакнување на конкурентноста на економијата и подобрување на перформансите на македонската економија, рече вицепремиерот Ставрески.
 
Со поддршка на Светска банка, како што нагласи, годинава ќе стартува Проектот за условени парични трансфери кој предвидува обезбедување финансиска поддршка од 1.000 денари месечно за сиромашните семејства и примателите на социјална помош под услов редовно да ги праќаат децата во училиште.
 
Оконџо-Ивеала истакна дека е многу задоволна од напредокот што Македонија го има постигнато во изминативе 10 години и додаде дека Светска банка ќе обезбеди поддршка за земјава во насока на градење напредна инфраструктура, подобрување на човечките капацитети, регионална интеграција и отворање пазари, како и за пристапувањето во ЕУ со искуства и знаења.
 
– Македонија е врвен реформатор. Извештајот на Doing Business ја рангира како 38. земја во светот и најдобра земја на целиот Балкан. Постигнат е значаен напредок и во однос на обезбедувањето на имотните права преку развивање катастарски систем кој претставува пример во регионот, рече Оконџо-Ивеала.
 
Таа искажа задоволство од прогресот што го направил Катастарот во изминатите пет години и рече дека би сакала да го покани македонскиот тим да ги пренесе своите искуства на други земји. Задоволително е, како што кажа, и подобрувањето на состојбата на ромското население, а особено поголемиот опфат на децата Роми во образовниот систем.
 
Според неа, креирањето нови работни места е еден од клучните начини за намалување на сиромаштијата, еден од главните проблеми на регионот.
 
– Фокусот на нашата програма е како да се создаде средина која ќе поттикне намалување на сиромаштијата, а тоа се прави со креирање нови работни места. Затоа го поддржуваме таквиот раст, а и ИФЦ, делот од Светска банка кој работи со приватниот сектор, има свој инструмент кој дава поддршка на малите и средните претпријатија со тоа што обезбедува средства за започнување свој бизнис, истакна Оконџо-Ивеала.
 
На денешната средба, како што беше посочено, станало збор за реформите во образованието, подобрувањето на бизнис климата и намалувањето на невработеноста и сиромаштијата, како и за сите аспекти на реформската агенда на Владата за следниот тригодишен период и подолгорочно. Се разговарало и за имплементирање на неколку проекти кои ќе помогнат за економскиот развој на земјава, како и да се реализираат одредени инвестиции, но и да се спроведат значајни структурни реформи кои ќе ја подобрат конкурентноста во целост.
 
Соработката меѓу Светска банка и Македонија трае две децении и за тој период на земјава и се доделени повеќе од милијарда долари во форма на заеми и околу 190 милиони долари во форма на грантови.(МИА)