Консолидација на надзорните институции во Mакедонија во една институција, согласно искуствата на европските земји и препораките по финансиската криза за консолидирана супервизија на банките, осигурителните друштва, инвестициските и пензиските фоднови и берзата.
 
Ова е идејата што денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ја претстави на средба со гувернерот на НБРМ Петар Гошев, директори на банките, осигурителни друштва и пазарот на капитал, која се одржа во рамки на саемската манифестација ФИНЕКСПО 2009.
 
– Ја изнесов идејата за натамошна подобра координација во делот на надзорните институции и евентуално консолидирање на финансискиот надзор. Препораките од европските земји и искуствата по финансиската криза се дека е потребна подобра координација и консолидација на финансиските институции за да бидат разменувани информациите навреме. Тоа е нешто што треба да го разговараме со сите надлежни во Македонија дали е можно и дали е пооптимално да се консолидира финансискиот надзор на банките со финансискиот надзор на осигурителните друштва, пензиските фондови и берзата, изјави министерот по завршување на средбата.
 
Тој потенцира дека ова не прејудицира каде би се извршила консолидацијата и оти може да е на едно место и тоа да е Централната банка, а може да се изврши и од друга институција. Важно е, додаде тој, да се консолидираат информациите на едно место и побрзо да оди тој проток на информации за тоа каде вложуваат банките за да може да се избегнат ризичните пласмани.
 
На средбата, како што истакна министерот, и тој и гувернерот Гошев потенцирале дека макроекономската стабилност пред се стабилноста на девизниот курс ќе бидат клучни приоритети на макроекономската политика и во тој дел координацијата на буџетската и на монетарната политика ќе овозможат да се задржат стабилноста на курсот и воопшто да се задржи стабилноста на економијата и преку понизок дефицит на тековната сметка, кој се очекува и преку одржувањето на девизните резерви на високо ниво како сега што изнесува 1,580 милијарда евра.
 
Во врска со каматните стапки на државните записи, министерот Ставрески истакна дека износот на трезорските записи и каматните стапки се намалуваат во континуитет и оти на последната аукција каматата изнесуваше 5,3 проценти. – Тој тренд ќе продолжи и во иднина. Ние ќе продолжиме постепено во текот на 2010 година со намалување на каматните стапки и верувам дека заедно со сигналите што ги дава НБРМ и со понтамаошни чекори од страна на НБРМ во намалување на каматните стапки ќе успееме заеднички со финансиските институции да обезбедиме и повеќе кредити за стопанството и пониски камати, изјави министерот за финансии.
 
Одговарајќи на новинарско прашање за Македонската берза рече дека е најдобро да почне да се размислува за наоѓање нов развоен модел,бидејќи на начинот на кој функционира е подложна на флуктуации.
 
Според него, единствена перспектива е регионално поврзување или наоѓање силен стратешки партнер. – Јасно е, додаде Ставрески, дека на Македонската берза и треба стратешки партнер од надвор за да може да игра позначајна улога во регионален контекст.(МИА)