Скопје, 1 ноември 2013 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ги повика банките дека можат и мора да го поддржат економскиот раст бидејќи имаат доволно средства.
– Општата состојба во економијата во Македонија е подобра отколку во остатокот од европските земји, во Европа имаме подобрување на економските перспективи, а ликвидноста на банките е висока. НБРМ и Министерството за финансии овозможија повеќе средства да останат кај банките и на тој начин сметам дека сега е редот на банките. Нема ниту една причина да не ги кредитираат повеќе македонските фирми и населението бидејќи ни се потребни и приватни инвестиции и потрошувачка, изјави министерот за финансии одговорајќи на новинарски прашања по конференцијата по повод Денот на осигурувањето.
Вчера беше посочено дека растот на кредитирањето е 3,7 проценти и оти се создадени сите услови следната да се постигне повисока стапка од 7-8 проценти.
Поддршка за стопанството ќе дојде и од новата кредитна линија од Европската инвестициска банка во износ од 100 милиони евра која ќе биде достапна откако законското решение ќе помине во Собранието, што се очекува за две недели.
Според професорот Томе Неновски, во услови кога има голема воздржаност од страна на домашните комерцијални банки во поглед на финансирање на активностите на економијата излегува дека најсилен импулс на економските движења во земјава се прават преку Македонската банка за поддршка на развојот и особено преку користење на кредитните линии коишто ги добива Македонија од ЕИБ.
– Во изминатиот период имавме три транши во вредност од 250 милиони евра коишто во најголем дел се веќе искористени, сега доаѓа третата транша која што мислам дека доста брзо ќе може да се ефектуира заради исклучително поволните услови, што ќе го надомести оној значаен висок недостаток на средства кој банките нормално би требало да го определат за финансирање на економијата, меѓутоа од многу разни причини се воздржуваат и вчера чувме од гувернерот дека се воздржуваат дури и од една чудна појава, односно од некакви наредби од нивните мајки во странство. Според тоа, можеме да очекуваме дека тој кредитен импулс ќе биде оној поттик за очекуваниот економски расте во следниот период на развојот на македонската економија, изјави Неновски.
Во однос на најновите податоци за јавниот долг објавени од Министерството за финансии според кој е 34,1 процент од БДП, Ставрески рече дека тој останува низок и натаму Македонија останува четврта најниско задолжена земја во Европа.
Неновски истакна дека не може прецизно да каже колкав е долгот, но смета дека во сите задолжувања треба да се внимава да не се надмине црвената линија која некако е определена на максимално 40 проценти од БДП.