Македонија е држава која најмалку зафаќа од граѓаните и фирмите, со најнизок ефективен данок од 7,4 отсто, тоа е оценка на сите реномирани меѓународни финансиски институции. Зафаќањата од стопанството и граѓаните за буџетски приходи сега се помали во однос на времето кога СДСМ беше на власт – истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за телевизија Сител.

„Ако се погледне процентот на буџетските приходи во дел од бруто-домашниот производ во 2005 година, тие изнесувале 32,7 отсто од БДП, а во 2015 година преку буџетските приходи се зафаќаат 30 отсто од БДП. Значи сега, ако се земе предвид колкав е бруто домашниот производ, се зафаќа помалку отколку што се земало преку даночните приходи пред 10 години. Тоа покажува дека тезата на СДСМ дека сè повеќе се зафаќа од стопанството или дека Владата премногу троши е нереална“ – истакна Ставрески.

Во однос на тезата која ја изнесе опозицијата дека Република Македонија премногу се задолжува, Ставрески посочи дека Македонија и според износот на задолжување и според нивото на јавен долг е мeѓу најмалку задолжените земји во Европа.

„Доколку се земе како репер вкупниот износ на задолжување, Македонија е четврта земја во Европа како земја која најмалку се задолжувала во периодот од 2009 до 2015 година. Македонија е петта најмалку задолжена земја во Европа со 36,1 отсто ниво на државен долг. Ние водиме сметка за идните генерации, што е и обврска на секоја Влада да покаже одговорност во задолжувањето, да таргетира проекти кои се значајни за економијата и внимателно да се однесува кон нивото на задолженост, бидејќи тоа ќе значи дека земјата и во иднина ќе задржи економска стабилност“ – рече Ставрески.

Comments are closed.