Скопје, 2 ноември 2011 (МИА) – Буџетот за наредната година е проектиран на 169 милијади денари, приходите се предвидени на 159 милијарди денари, а буџетскиот дефицит е 2,5 проценти од БДП. Растот на БДП е проектиран на 4,5 проценти, а инфлацијата на 2,5 отсто. Предвидено е зголемување на капиталните расходи за 28 отсто.
Ова го соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по усвојување на буџетот од страна на Владата, кој треба да се прати на разгледување во Собранието истакнувајќи притоа дека тој е проектиран врз основа на анализите за движењата на економската активност на земјата.
– Се предвидува дека вкупната економска активност за 2012 година ќе биде главно движена преку пораст во инвестициите кои се предвидува да се зголемат за 8,5 проценти во што голем придонес ќе даде зголемувањето на капиталните инвестиции финансирани од Буџетот на Република Македонија. Во однос на вработеноста се предвидува умерен пораст и постепено намалување на стапката на невработеност, а во однос на стабилноста на девизниот курс претпоставките се дека и натаму ќе се задржи истото стабилно ниво на девизниот курс и адекватно ниво на девизните резерви. Тоа е што се однесува до макроекономските претпоставки, истакна на прес-конференцијата вицепремиерот и министер за финансии Ставрески.
Тој појасни дека во однос на оваа година проектираниот раст на приходите и расходите изнесува 5,7 отсто што, како што рече, значи дека со доза на внимание и умереност се проектирани и приходната и расходната страна.
– Тоа е нешто понизок раст на приходите и расходите во однос на тоа што е проектирано претходните години како номинален раст на приходи и на расходи главно заради состојбите во европската економија иако нашите очекувања се дека во Република Македонија со проектираните капитални инвестиции и останатите проекти што се предвидени во Буџетот ќе можеме да го оствариме растот од 4,5 отсто, вели вицепремиерот Ставрески.
Според предлогот предвидено е зголемување на капиталните расходи за 28 отсто, а повеќе средства ќе има и за образованието, здравството и инфраструктурата.
– Втора карактеристика на Буџетот освен умерениот пораст на приходи и на расходи е тоа што е предвиден висок пораст на капиталните инвестиции од 28 проценти во однос на оваа година. Тоа се надврзува на претходната политика на Владата за постојан пораст на капиталните инвестиции при задржување на понизок пораст или непроменето ниво на тековните расходи со цел да се промени позитивно структурата на вкупниот буџет и да се зголеми учеството на капиталните расходи или вкупните расходи. Врз тие основи капиталните расходи за следната година се проектирани на ниво што е за 28 проценти повисоко од оваа година и во тие рамки предвидено е да продолжат проектите коишто се финансираа оваа година, но и да почнат повеќе нови проекти, посочи Ставрески.
Проектите, како што рече, се во патната инфраструктура каде што е предвидено започнување на реализацијата на Коридорот 10, изградбата на автопатот од Демир Капија до Смоквица, интензивна реализација на регионални локални патишта финансирани со пари од Европската банка за обнова и развој и почнување на реализација и завршување на други проекти кои се со локално значење, односно локални и регионални патишта.
Во тие рамки во склоп на железничката инфраструктура предвидени се и инвестиции во Коридорот 10 на негова реконструкција, а на Коридорот 8 предвидено е да почне реконструкцијата и потоа во втората фаза доградбата на пругата кон Бугарија. Во следната година има оставено пари за почнување на овој проект кој ќе трае неколку години. Предвидени се и низа други проекти што се однесуваат за реконструкцијата на болниците и здравствените установи, реконструкција на затворите, но и проекти во образованието каде со кредитни средства од Банката за развој при Советот на Европа ќе се пристапи кон реновирање на сите основни училишта и доизградба на спортски сали во многу основни училишта во Република Македонија.
Во овогодинешниот буџет, нагласи вицепремиерот Ставрески, повеќе пари се издвоени и за Министерството за одбрана со оглед на нашите определби за интегрирање на Република Македонија во НАТО и осовременување на одбранбениот систем на земјава.
Во делот на тековните расходи, тој посочи дека има состојба во која тие во структурата на буџетот постепено се намалуваат за сметка на капиталните расходи. – Кај политиката на платите ќе биде застапено она што го предвидовме со нашата Програма. Во декември ќе има одлука за зголемување на платите на јавниот сектор, зголемување на пензиите и на социјалните надоместоци што ефективно ќе се реализира почнувајќи од јануари 2013 година, истакна вицепремиерот.
Растот на БДП е проектиран на 4,5 проценти, што според вицепремиерот Ставрески е објективен и, како што рече, доколку состојбата во европската економија била подобра тој ќе бил и повисок.
– Сметавме дека со оглед на остварените стапки на раст во првата половина од годината кои надминуваат пет проценти од една страна, но од друга страна забавениот раст до крајот на годината заради сите состојби во европската економија. Балансот одразува еден реален раст од 4,5 проценти во кои сметам дека има можност да имаме и минимално под тоа и минимално над тоа. Можни се сите сценарија бидејќи во голем дел работите ќе зависат од она што се случува во европската економија. Ако таму се стабилизираат состојбите, Македонија ќе може да оствари и раст од пет проценти во идната година. Но, сепак беше реално да одиме со нешто поумерена стапка, појасни вицепремиерот и министер за финансии, додавајќи дека доколку во текот на годината се покаже дека има потреба од корекции тие ќе бидат направени.
Буџетскиот дефицит за следната година е проектиран на ниво од 2,5 проценти од БДП што, додаде Ставрески повторно ќе ја вброи Македонија во земјите во Европа со најниско ниво на буџетски дефицит кое е прилично пониско од мастрихтшкиот критериум од 3 проценти.
– Македонија останува земја со ниско ниво на буџетски дефицит кој главно ќе биде финансиран со надворешно задолжување, односно надворешни извори за финансирање на дефицитот, а на домашен план се предвидува натамошно развивање на пазарот на хартии од вредност преку редовни квартални емисии на долгорочни државни обврзници, петодишни и седумгодишни кои главно очекуваме да бидат купувани од страна на пензиските фондови, истакна на прес-конференцијата Ставрески.
Тој Буџетот го оцени како објективно поставен и реален во, како што рече, вакви околности во какви што се наоѓа европската и светска економија. Во него, додаде, се вградени сите приоритети од Програмата на Владата при што повеќе средства отколку претходно се издвојуваат за образованието, здравството и инфраструктурата. Во делот на инфраструктурата покрај патната и железничката повеќе пари има и за изградбата на слободни економски зони.
Прашан за информацијата дека имало проблем со ДУИ за капиталните инвестиции Ставрески рече оти имале бројни средби со сите министри на кои се разговарало за буџетот.
– Секогаш има повеќе амбиции и апетити отколку што се расположливите средства, но на крајот компромисот е начин да се да се разрешат тие работи. Веројатно сите се подеднакво задоволни и незадоволни од постојните решенија, но сметам дека на ниво на Влада имавме целосна согласност од аспект на тоа дека буџетот за 2012 ги одразува приоритетите содржани во Програмата за работа на Владата и во него се содржани проекти кои се вклучени во таа Програма. Од тој аспект, мислам дека има согласност на ниво на Влада и дека е поддржан целосно буџетот, посочи Ставрески.
Запрашан да даде коментар на изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека 25 отсто од буџетот ќе бидат за проекти што се наменети за Албанците, Ставрески рече дека ова е буџет на Република Македонија и оти во него има проекти кои се корисни за сите граѓани.
– Во болниците влегуваат и Македонци и Албанци, Турци, Власи…, автобусите и училиштата ги користат сите граѓани и во сите други проекти сметаме дека се проекти кои се подеднакво значајни за сите граѓани на Република Македонија и така ќе работиме и во иднина, додаде вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.