Скопје, 20 септември 2013 (МИА) – Владата го утврди Предлог-буџетот за 2014 година и подготви ребаланс на буџетската каса за оваа година кои денеска ќе бидат доставени до Собранието на Република Македонија. Предложениот буџет за наредната година е развоен и предвидува раст на капиталните инвестиции за 20 проценти, а со ребалансот се врши пренамена на две позиции.

 

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција појасни дека станува збор за мини ребаланс со кој се додаваат средства на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во износ од 1,34 милијарди денари заради повисоките расходи во однос на индексацијата и дополнителни средства се префрлаат во Министерството за образование и наука во износ од 430 милиони денари потребни за опремување на лабораториите.

 

– Средствата во овие ставки не се пренаменети, туку проширен е дефицитот на 3,9 проценти, а финансирањето е од Буџетот, рече министерот и додаде дека со ребалансот нема да има кратење на реализацијата на капиталните инвестиции која оди добро и во првите осум месеци е 10 проценти повеќе од минатата година и се очекува до крајот на годината да се оствари предвидената реализацијата.

 

Кај другите ставки во Буџетот за 2013 година позначајни промени нема и другите позиции остануваат во рамки на проектираното. Според него, другите ставки се веќе претходно скретени, односно, како што рече, направено е домаќинско работење во делот на тековните расходи.

 

Буџетот во наредната година ќе изнесува 176,5 милијарда денари. Приходите се планирани на 158 милијарди и 200 милиони, а буџетскиот дефицит 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори. И на приходната и на расходната страна има зголемување за 7 проценти во однос на годинашниот буџет.

 

Предвидува раст на капиталните инвестиции, платите, пензиите, социјалните додатоци, земјоделските субвенции…

 

– Вкупниот износ на капитални инвестиции е 22,5 милијарди денари и е за 20 проценти повеќе од оваа година. Ако за 20 проценти се зголемат капиталните инвестиции сметам дека тоа е најдобар одговор дали е променета структурата и дали оди во насока на развој. Нема да најдете држава во Европа што во една година ги зголемува капиталните инвестиции за 20 проценти, изјави вицепремиерот и додаде дека е значајно што Владата и во вакви околности на криза во Европа одвојува за 20 проценти повеќе средства за капитални инвестиции кои, пак, ќе овозможат раст на економијата.

 

Од вкупните капиталните инвестиции предвидени се 3,4 милијарди денари за патната и железничка инфраструктура, за образование, детска заштита и спортот 2,4 милијарди денари или 11 проценти од вкупните капитални инвестиции, за изградба на јавни здравствени установи, односно за Клиниката во Скопје и за во Штип 1,9 милијарди денари, за енергетски и комунални инфраструктура 1,3 милијарди денари или шест отсто од вкупните капитални расходи, и за израдба на технолошко индустриските развојни зони предвидени се 505 милиони денари.

 

Тој додаде дека за патната и енергетските проекти ова не се единствените средства и оти предвидени се средства и во програмата на Агенција за државни патишта, како и во програмите на ЕЛЕМ и МЕПСО.

 

Предвидени се средства за пораст на платите за администрацијата за 350 милиони денари, за пензиите 1,8 милијарди денари, а субвенциите во земјоделството се проектирани на 140 милиони евра.

 

Проекцијата за растот на БДП за следната година е 3,2 проценти, а инфлацијата 3,3 проценти.

 

Се очекува постепено да се зголемува растот на БДП кој сепак ќе зависи од околностите во Европа. Според фискалната стратегија, која исто така е усвоена, се предвидува во 2015 растот на БДП да биде 3,8, а во 2016 – 4,5 проценти.

 

Министерот потенцира дека нивото на буџетскиот дефицит од 3,5 проценти е оптимално и обезбедува да даде посериозна поддршка на капиталните инвестиции, како и во делот на пораст на плати, социјалата, пензиите и субвенциите, но истовремено со сите тие зголемувња, како што рече, да не се излезе од долгорочната рамка за одржливо ниво на буџетски дефицит и долг.

 

Посочи дека на домашниот пазар може ќе се оди на задолжувања на подолгорочни хартии од вреднос и оти не очекува поместувања во однос на каматната стапка, а за на странските пазари зависно од условите ќе бидат искористени еврообврзници или комбинација со гаранција од Светска банка.

 

Државниот долг во наредниот период ќе остане на умерено ниво и до 2016 нема да надмине 37,6 проценти од БДП што, според вицепремиерот Зоран Ставрески, повторно Македонија ќе ја направи една од петте најмалку задолжени држави во Европа.

 

Comments are closed.