Скопје, 27 септември 2012 (МИА) – Факт е дека оваа Влада има слух за стопанството и работи во соработка со стопанството. Со сите можни мерки, политики и средства од буџетот што може да се издвојат работиме за да му помогнеме на македонското стопанство, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
Стaврески рече дека не може да се согласи со ставот оти Владата не им помагала на компаниите досега.
– Со тоа не би можеле да се согласиме. Кога се појавија првите знаци на светската криза Владата го донесе првиот пакет на антикризни мерки и оттогаш постојано носевме различни пакети за поддршка на економијата и стопанството. За стопанството, уште од 1 јануари 2009 година ги ослободивме фирмите од плаќање на данок на добивка, освен ако ја распределат како дивиденда, рече Ставрески.
Нема земја во Европа што, како што рече, им понудила на своите фирми да не плаќаат данок на добивка.
– Само Македонија тоа го понуди на македонските бизнисмени и многу од нив ја искористија таа можност тие средства што не им ги зема државата преку данок на добивка да ги искористат за ликвидност, за опстанок во периодот на кризата, за некакви помали инвестиции и слично. Истата таа година, втората мерка со која директно му помогнавме на стопанството беше пакетот за репрограмирање на старите долгови на фирмите по основ на даноци и камати, рече Ставрески.
Голем дел од тие долгови, како што потенцира, фирмите ги направиле во времето на СДСМ или друга претходна влада.
Тој објаси дека Владата се договори со овие фирми колку што можат да плаќаат, а остатокот на репрограм го овозможиле на 36 месеци.
– Стотици македонски фирми тоа ги спаси од пропаѓање или од потешки последици од кризата. Подоцна следеа други мерки и пакети, како што беа обезбедувањето на 250 милиони евра кредитна поддршка со најниска можна камата од 5,5 отсто за македонските мали и средни претпријатија. Нешто што не постоело во овие 20 години во Република Македонија и што се покажа како вистинска мерка бидејќи во услови на криза банките помалку кредитираат и финансираат и овие пари добро им дојдоа на македонските бизниси, рече Ставрески.
Во следните години, информира Стврески, кога стопанствениците побараа од нас да ги раздвоиме плаќањето на ДДВ и плаќањето на останатите даноци за да можат полесно да ја менаџираат ликвидноста, токму заради овие проблеми со кризата, ние веднаш им излеговме во пресрет и прифативме наместо на 15 на 25 да се плаќа ДДВ.
– Има голем број на фирми кои и денеска имаат проблеми со плаќањето на даноците заради кризата. Во тој дел ние малку помагаме, а помагаат и фирмите за да поминеме заеднички низ овие тешки времиња, додаде Ставрески.
Според него, ако се погледнат конечните ефекти од политиката на Владата и стопанството, ќе се увиди оти во Македонија не само што нема зголемување на невработеноста како што има во цела Европа, туку има благо намалување на невработеноста во овие четири години.
Тој упати порака да се провери состојбата во стопанството во соседните земји како Србија, Хрватска, Словенија.
Според Ставрески, треба малку поголема објективност во делот за тоа како Владата работела со стопанството.
– Последниот сет на мерки е само седма или осма веќе во низата на мерки што ги носиме во соработка со стопанството. Во меѓувреме донесовме и вертикални мерки за поддршка на металуршката индустрија која е една од стожерите на македонската индустрија и во тој дел фирмите се презадоволни, рече Ставрески.
Вие може да сте задоволни или не како политичка опција, потенцира тој, но факт е дека оваа Влада има слух за стопанството и работи во соработка со стопанството, со сите можни мерки, политики и средства од буџетот што може да се издвојат за да му помогнеме на македонското стопанство.
Ставрески потсети дека даноците во Македнија останаа непроменети и додаде оти кратат секаде каде што можат во буџетот и прават се што можат за да не го оптоварат дополнително стопанството и граѓаните.
За средствата што се обезбедуваат од ММФ и Светска Банка, Ставрески рече дека тие тоа не го прават од алтруистички причини.
– И ММФ и Светска банка ја скенираат Македонија како што ја скенират секоја друга држава, тие оцениле дека Владата води сериозни економски политики и Владата има ниско ниво на задолженост, ниски нивоа на буџетски дефицит и ги задоволува сите нивни барања и параметри за да доделат толку средства, потенцира Ставрески.