Кратово, 26 јули 2014 (МИА) – Владата на синоќешната седница го усвои ребалансот на Буџетот и го достави до Собранието на Република Македонија. Се работи за мини-ребаланс кој изнесува околу 2 отсто од вкупните приходи и расходи. Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Кратово, каде беше да изврши увид на градежните работи на свлечиштето на излезот од Кратово кон Пробиштип.
Тој посочи дека ребалансот се прави за да се усогласи динамиката на раелизација на расходите која, како што кажа, беше подобра од предвидувањата посебно во делот на инфраструктурата, со динамиката на приходната страна.
– Со ребалансот ќе се обезбедат дополнителни средства за реализација на инфраструктурни проекти, а буџетскиот дефицит ќе оствари благо зголемување од 3,5 на 3,9 проценти од БДП, истакна Ставрески.
Тој простор, нагласи, ќе го искористиме за дополнување на средства од околу милијарда и 43 милиони денари со кои, додаде, ќе се обезбеди поинтензивна изградба на Коридорот 10, а ќе има и дополнителни средства и во делот на социјалните примања.
– Кратењата се на позициите на стоки и услуги, трансфери и на капитални расходи, а износот на намалување е рамномерен на сите позиции и речиси кај сите буџетски институции, појасни Ставрески. Нагласи дека со ребалансот Македонија и понатаму ќе остане во зоната на фискалната стабилност и ќе се обезбеди непречено реализирање на сите предвидени проекти во Програмата на Владата.
– На тој начин долгорочно ќе ја задржиме макроекономската стабилност што е услов за реализација на повисок економски раст кој годинава очекуваме да биде над 3,5 проценти, истакна Ставрески.
Тој посочи дека за разлика од некои земји, од Србија и Португалија кои ја намалија платата за 10 проценти, во Македонија не само што ќе нема намалување на платите и пензиите, туку напротив октомвриската плата на јавната администрација ќе и биде зголемена за 5 проценти како што беше најавено, а по Нова година ќе следи и зголемување на пензиите.