Скопје, 6 ноември 2014 (МИА) – Американските компании во континуитет имаат интерес за инвестирање во Република Македонија што покажува дека тоа е пазарот на кој во иднина треба да се фокусираме.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој заедно со владината делегација што ја предводи премиерот Никола Груевски се во посета на САД.

Според него, тоа го покажува и присуството на неколкуте успешни инвестиции од Америка во Република Македонија.

– Би ги спомнал само Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Амфенол и други фирми коишто веќе имаат база во Република Македонија и вработија луѓе, и не само тоа туку задоволни од условите што ги имаат во Македонија се одлучија за изградба на втора фабрика. Taков е случајот со Џонсон Контролс, којшто уште во 2007 година ја направи првата инвестиција, а четири до пет години подоцна и втората која се наоѓа во Штип, каде што имаат вработено 1.300 лица, а ќе стигнат до 1.500,  изјави Ставрески.

Тој откри и дел од плановите на Кемет Електроникс, фирма која веќе инвестираше и добро работи во Македонија и која планира да ја префрли базата за услуги од Европа во Македонија.

– Кемет Електроникс достигнаа околу 250 вработувања во Република Македонија, а неодамна ни соопштија дека ја префрлаат базата за услуги од Европа во Македонија, што се нови 25 вработувања со можност понатаму да се зголемат. Сето тоа покажува дека треба да останеме фокусирани на американскиот пазар, да продолжиме со бизнис форуми тука во САД и да настојуваме да донесеме нови фирми, истакна Ставревски.

Тој посочи дека постојат добри шанси, врз основа на позитивните искуства на досегашните инвеститори како и врз основа на интересот кој се гледа во САД на бизнис форумите, да дојде до нови американски инвестиции во државата. 

Според директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, еден од главните адути за привлекување инвеститори освен даночната политика, намалувањето на административните бариери и кратењето на процедурите се и поволностите што се нудат во зоните. 

– Најголемиот фокус што се користи при презентирање на можностите за инвестирање во Македонија и истовремено најголем интерес од страна на странските компании побудуваат технолошко-индустриските развојни зони. Тоа не се само поволностите што се нудат на овие локации туку и самиот факт што таму веќе има изградена инфраструктура со што компаниите можат многу лесно и брзо да започнат со изградба на своите капацитети, рече Мизо.

Додаде дека во таа насока е и ангажманот за подобрување на можностите за инвестирање во Македонија и изнаоѓањето соодветна локација за што потврда е и наградата која пред две недели ја добивме од страна на магазинот FDI, според кој зоните во Скопје беа прогласени за најдобри зони за големи мултинационални компании во Европа.

– Во таа награда и она што беше земено за критериум не беше само растот и бројот на компаниите кои се влезени таму, туку и она што значи поддршка на веќепостоечки компании, таканаречен процес на целосна грижа или поддршка на постоечките компании, изјави Виктор Мизо.

Напредокот кој го постигна Република Македонија во градењето добра бизнис клима останува забележано и од реномирани институции.

– Многу интересно и импресивно во Македонија е тоа што оваа земја започна со бели страници на кои немаше испишано ништо. Пред неколку години мораше да се соочи со многу тешка економска ситуација и тие започнаа да ги испишуваат тие бели страници, одлучувајќи, следејќи ги препораките на Светска банка и другите финансиски институции, да се фокусираат на претприемништвото и развојот на бизнисот, и да привлекуваат инвеститори во државата.  Тие станаа многу отворени и почнаа да ги применуваат најдобрите практики кои можат да ги искористат. И не само да ги преземат, туку да ги спроведат во практика, вели Емануел Поликвин одговорен за следење на глобалното индустриско производство и развој на технолошкото и услужното работење во Светска банка.

Тој е оптимист за иднината на Македонија.

– Македонската влада научи многу, но и ние научивме многу од неа и тоа не само што ќе биде корисно за државата туку ќе биде добар работен прототип и за другите држави, рече Поликвин од Светска банка.

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски денес ја продолжува економската посета на САД со бизнис форум во Лос Анџелес, кој е втор по големина град во САД и е центар на технолошката, здравствената, телевизиската и филмската индустрија. За време на посетата во претходните два дена, владината делегација одржа бизнис форуми во двата големи економски центри во САД, градовите Њујорк и Чикаго. Во САД се концентрирани најголемиот дел од светски најразвиените компании кои го генерираат економскиот раст на оваа држава, затоа САД останува средина и пазар кон која е фокусирана и Владата на Република Македонија и можноста преку активно лобирање да се привлечат инвеститори кои би го вложиле својот капитал во државата, а со цел отворање нови работни места и подобрување на стандардот на граѓаните.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window