Скопје, 19 декември 2013 (МИА) – Видниот ефект од привлекувањето странски инвестиции, политиките за вработување и кредитната линија од Европската инвестициска банка што ја субвенционира Владата, се вкупно 39.450 отворени нови работни места во Република Македонија.

Тоа го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во тек на попладневната расправа за Дополнетиот предлог буџет на државата за 2014 година, во реплика на пратеникот од СДСМ Оливер Спасовски кој ги критикуваше резултатите на власта во отворање работни места.

Вицепремиерот Ставрески детално ги прикажа креираните нови работни места, посочувајќи дека 4.028 вработувања има во слободните економски зони, каде во капацитетите на Џонсон контролс Скопје се отворени 325, Џонсон контролс Штип 768, Џонсон Мети Скопје 448, Кемет електроник 177, Протек Скопје 50, Технокозе 32, Ван Хол 250, Кромберг и Шуберт 792, Дрекслмаер 1.048…

– Вкупно 4.028 семејства сме спасиле како што вие милувате да кажете да не отидат во странство. Колку вие спасивте да не отидат во странство и колку фабрики отворивте?, праша Ставрески.

Со активните политики за вработување, како што рече, по сите основи се отворени 30.524 работни места. Со самовработување 5.798 работни места, со субвенционирање на Агенцијата за вработување 4.807, обука за познат работодавач 6.591, практикантство 759 вработувања, едукација за лични бизниси 1.914….., наведе Ставрески.

Според него, 4.907 нови работни места се отворени во приватниот сектор со користење на кредитната линија со 5,5 проценти субвенционирана камата од страна на Владата.

Пратеникот Спасовски во излагањето за буџетот, меѓу другото, истакна дека не се согласува со ставот на власта оти спроведува политики со кои се зголемува бројот на работните места. – Оваа Влада отвора работни места, но не во Македонија, туку надвор од неа, затоа што голем е бројот на граѓаните што ја напуштиле Македонија, рече Спасовски.

Тој смета дека со предложениот буџет не се финансираат издржани проекти и нема вложувања во капитални инвестиции

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.