Прилеп, 9 јуни 2011 (МИА) – Владата, како што вети во изборната кампања, ќе продолжи со работа во насока на овозможување нови инвестиции и нови работни места, рече денеска во Прилеп вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по средбата со градоначалникот на оптшината Марјан Ристески и со бизнисмените од Регионалната стопанска комора.

 

– Темата со бизнисмените е како во Македонија да се отвори инвестициски циклус што им е потребен за да почнат да инвестираат и да отворааат нови работни места. Владата и општината ќе направат се што е потребно за тоа да се случи бидејќи основната цел на програмата на ВМРО-ДПМНЕ е во следниот период сериозно да ја намалиме невработеноста И да овозможиме нови инвестиции, изјави Ставрески.

 

Во Прилеп, напомена, ќе продолжат активностите за отворање индустриска зона каде ќе може да се отворат нови погони, да се лоцираат нови бизниси и да се отворат нови работни места.

 

Ставрески очекува прилепските бизнисмени прецизно и јасно да кажат кога, како и колку ќе инвестираат во следниот период бидејќи Владата е подготвена да им помогне со сите инструменти и политики.

 

– Задоволен сум од соработката со општината која е отворена и сака да направи подобри услови за бизнис. Со градоначалникот Ристески е разговарано да се спуштат сите трошоци што е можно повеќе, да се подготват урбанистичките планови. Во тоа ќе биде вклучен министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој и денеска учествуваше во разговорите. Сметам дека имаме голема политичка волја. Останува со бизнисмените да се договориме на кој начин ќе се реализираат инвестициите и како да се подобрат условите за живот на граѓаните, потенцира Ставрески.

 

Градоначалникот Ристески рече дека по изборите останува на оваа функција иако доби пратенички мандат. Во врска со можностите за инвестирање, соработката на општината Ристески главно ја темели на неодамна донесениот генерален урбанистички план што многу повеќе предвидува зони за стопански капацитети, инфраструктура а остануваат и даночните поволности за инвестиорите.

 

Comments are closed.