Кочани, 9 декември 2013 (МИА) – Интересот за наградната игра „Фискална на рака, награди без мака“ е голем и очекувам од ден на ден да расне, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
– Сите бараат фискални сметки. Дури и продавачите ги советуваат луѓето да земаат фискални сметки за да добијат вредни награди. Очекувам дека интересот од ден на ден ќе расте. Првото коло ќе биде на 30 декември кога непосредно пред Нова година некои од учесниците во играта ќе добијат стан, дуќан, кола и други вредни награди, истакна вицепремиерот Ставрески во Кочани по пуштањето во употреба на две улици.
Наградната игра „Фискална на рака, награди без мака“ официјално почна на 1 декември и ќе трае до крајот на 2014 година. За учество во неа граѓаните треба да соберат 20 фискални сметки и да ги испратат на адресата на Државната лотарија на Македонија. Првото извлекување ќе биде на 30 декември, а во секое следно коло ќе учествуваат и ковертите од претходните извлекувања. За времетраењето на наградната игра ќе бидат доделени три стана, три дуќани и девет автомобили и вредносни ваучери од 3.000 до 60.000 денари.