Скопје, 10 јануари 2015 (МИА) – Битолчанецот Трајан Ивановски, кој е добитник на станот од наградната игра „Фискална во рака, награда без мака“ од 13. извлекување кое се одржа на 29 декември 2014 година, денес го доби клучот. Официјално му го предаде вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој најави дека наградната игра продолжува и годинава.

Ставрески искажа големо задоволство од досегашното спроведување на наградната игра „Фискална во рака, награда без мака“ и му честиташе на среќниот добитник. – Би сакал на него и на неговото семејство, на сите ќерки, зетовци, внуци и правнуци да им посакам да го користат со арно, за убаво и за убави работи и да имаат и други убави моменти во животот. Да им честитам и на сите други добитници во ова и во сите претходни кола.

Наградната игра, потенцира, во целост ги исполни нашите очекувања, предизвика голем интерес и донесе радост на голем број луѓе и сите заеднички учествувавме во изградбата на инфраструктурни и други проекти кои се финансираат со средствата што се прибираат од плаќањето даноци.

– За потврда на ова би сакал да потенцирам дека во текот на минатата 2014 година беа примени вкупно 6,6 милиони пликови за учество во оваа наградна игра. Само во последното декемвриско коло имавме најголем интерес, над 1.650.000 пликови, што е добар знак дека граѓаните се навикнаа на тоа да бараат фискални сметки и да учествуваат во оваа наградна игра, потенцира Ставрески.

Нагласи дека преку наградната игра се доделени три стана во Скопје од по 52 метри квадратни, три дуќани, голем број автомобили и 2.000 вредносни ваучери со кои може да се купат прехранбени производи, велосипеди, компјутери и други вредни стоки и производи.

– На тој начин, сметам дека успеавме да ја постигнеме целта, а таа беше преку една мотивациска игра да укажеме на тоа дека за граѓаните барањето и добивањето фискална сметка е право, за фирмите, исто така, е обврска, а сите заеднички, од најмали до најголеми, сите што учествуваа во оваа игра „Фискална во рака, награда без мака“ помогнаа со средствата кои се прибираат од даноците да се изградат патишта, болници, училишта, комунална инфраструктура и сè она што се финансира од Буџетот, рече Ставрески.

Comments are closed.