Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески го оцени денеска објавениот податок за пораст на индустриското производство во февруари од 10,9 отсто како добар показател за посериозно заздравување на македонската индустрија.

&nbsp

– Секој пораст на индустриското производство е добар во посткризен пораст, а двоцифрен е секако одличен, изјави минситерот и додаде дека тоа е показател за посериозно заздравување на македонската индустрија. Факт е, додаде, дека има двоцифрени стапки на раст и на металната, текстилната, дрвната, а во преработувачката индустрија растот е со 16 отсто, односно дека има широк раст на индустријата во повеќе индустриски гранки.

&nbsp

Тој посочи дека ова било очекувано за Владата и оти го навестувала со почетокот на оваа година дека ќе донесе подобри економски резултати, што покажуваат еден по еден показател дека тие резултати доаѓаат.

&nbsp

– За два месеца имаме просечен раст од 8,5 отсто и тоа мислам дека е во рамки на нашите очекувања и мислам дека е малку посилен раст од она што очекувавме за годината и добро за да го реализираме предвидениот раст од 3,5 отсто за оваа година, истакна министерот за финансии.

&nbsp

За тоа како се реализираат буџетските приходи, тој истакна дека приходите се реализираат согласно предвидувањата, односно во рамки на проекцијата.

&nbsp

– Февруари го завршивме на ниво од 99,8 отсто, јануари 100,4 отсто и март согласно прелиминарните цифри ќе биде над проектираното. Ако земеме за првите три месеци Буџетот ќе биде исполнет над планираното ниво, рече министерот за финансии Зоран Ставрески.(МИА)

Comments are closed.