Скопје, 22 октомври 2011 (МИА) – Следната година ќе има повеќе пари во Буџетот за инфраструктурни проекти, како и средства за започнување на реконструкцијата и доизградбата на пругата на Коридорот 8 кон Бугарија и за проектот „Купи куќа, купи стан“.
Ова го вети вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната средба со стопанствениците во Градежната комора при Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК).
– Ветивме дека во следната година ќе имаме и нови реформи во делот на градежните дозволи преку нивно електронско доделување што е значајно за градежниот сектор, изјави вицепремиерот Ставрески по завршувањето на средбата.
Се разгледуваат моделите, додаде, за Коридорот 8.
– Веројатно ќе се работи за комбинација на дел кој ќе биде изграден преку јавно-приватно партнерство, а дел со други извори на финансирање, кредитни или други средства. Коридорот останува наш стратешки приоритет и набрзо Владата ќе излезе со предлози, појасни Ставрески. Според него, странските инвеститори го земаат во предвид Извештајот на „Дуинг бизнис“ на Светска банка кога донесуваат одлука да вложат во земјите.
– Извештајот го гледаме како многу битен не само за странските инвеститори, туку и за домашните. Сите реформи што ги правиме ги правиме за луѓето кои инвестираат во земјава да се почуствуваат дека имаат подобра бизнис клима и дека имаат партнер во Владата што ги разбира нивните потешкотии и ја подобрува бизнис климата, посочи Ставрески.
Порастот на градежништвото од 26 проценти годинава и на БДП од 5,2 отсто, нагласи, се резултат токму на мерките што ги презема Владата во таа насока.
Во однос на странските инвестиции укажа дека треба да се мерат според релативната големина и според големината на земјата како процент од БДП, а не во апсолутен износ. Нормално е, додаде, голема земја која е неколку пати поголема од Македонија по територија и како пазар да има повеќе странски инвестиции.
– Но, во економијата работите се мерат релативно или по инвестиции според број на жители или, пак, како инвестиции спрема БДП. Во тој дел Македонија во изминативе пет години ги оствари најдобрите резултати, а извесен период имавме околу 7 проценти од БДП странски директни инвестиции што е многу повеќе од Хрватска, Албанија или Србија, нагласи Ставрески.
Најавените странски инвестиции во изминативе неколку месеци, посочи, од кои пет-шест почнаа да се реализираат се уште не се влезени во тие бројки.
– Кога и тие ќе влезат ќе покажат дека инвеститорите и тоа како внимаваат на Извештајот „Дуинг бизнис“ и како резултат на тоа и на она што го чувствуваат во земјата како клима за инвестирање, заедно со домашните инвеститотри, почнуваат да реализираат инвестициски проекти, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.