Скопје, 12 септември 2012 (МИА) – Десетина дена по воведувањето на новиот инструмент задолжница издадени се првите во износ од 24 милиони денари. Очекувањата на Владата, според сегашниот интерес на компаниите, е дека тој ќе заживее и ќе биде користен од бизнис заедницата.
– Само неколку дена по официјалниот почеток на користење на инструментот задолжница веќе се издадени првите две задолжници во износ од 24 милиони денари. Се работи за две задолжници во кои должниците и доверителите се договориле да биде издаден инструментот кој ќе овозможи сигурност за доверителот дека ќе ги наплати побарувањата, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на прес-конференција во Централниот регистар на Република Македонија.
Според него, на тој начин задолжницата станува реалност во Македонија, како уште еден квалитетен, сигурен и брз инструмент за обезбедување на плаќањата кои во суштина ги штити пред се доверителите, односно е во корист на доверителите бидејќи за нив овозможува поголем степен на сигурност дека ќе го наплатат побарувањето од должникот. Но, како што додаде, исто така, овој инструмент е корисен и за должниците бидејќи на некој начин нема да бидат сите должници во ист кош, односно фирмите кои се квалитетни и кои сакаат да имаат добра репутација нема да имаат проблем и дилеми дали да издадат задолжница и на тој начин ќе се идентификуваат ткн. добри должници кои ги покриваат обврските со ваков нов инструмент.
Министерот истакна дека задолжницата е дизајнирана на барање на бизнис заедницата и е во корист на стопанствениците, бидејќи овозможува сигурност на наплатата и овозможува едноставност на наплатата.
– Една од предностите е тоа што ова е едноставен инструмент, бидејќи токму на барање на стопанствениците ги поедноставивме сите услови за процедурата што е потребна за да се потпише овој инструмент и да се реализира доколку има потреба за тоа. Предност е што на тој начин ќе се избегнат долготрајните судски постапки, како и трошоците што се поврзани со тие судски постапки и ќе може на многу побрз начин да се реализираат доколку е потребно да се ефектуира таа задолжница, истакна Ставрески.
Тој искажа уверување дека врз основа на интересот што го има од страна на компаниите, инструментот ќе заживее добро и дека во овие тешки времиња кога има нарушена ликвидност на стопанството, пред се заради европската криза, приватниот сектор ќе ја искористи оваа можност и ќе го користи инструментот што почесто со цел да се намали ризикот и неизвесноста од меѓусебните плаќања на стопанските субјекти.
Концептот на задолжницата, како што посочи, е дизајниран како и во другите држави и како што бараше бизнис заедницата.
Директорот на Централниот регистар Ванчо Костадиновски потенцира дека издавањето на првите задолжници во првите десет дена од воведување упатува на тоа дека ова е добар инструмен кој ќе биде прифатен од бизнис заедницата и ќе има значајна улога во подобрување на ликвидноста на претпријатијата.
Според него, постојат сите предуслови тој да стане ефикасен инструмент за наплата на побарувањата меѓу фирмите.
Задолжницата претставува исправа со која должникот – трговско друштво регистрирано согласно Законот за трговски друштва, дава согласност плаќањето на неговите обврски кон одреден доверител да се изврши по присилен пат од сите негови сметки кај сите носители на платен промет. Доколку не се наплати од паричните средства, задолжницата како извршна исправа, може да се наплати и од друг имот. Задолжницата нема да се користи како инструмент за наплата на приватниот сектор со државата.