Скопје, 10 февруари 2012 (МИА) – Околу 400 станови во Скопје што ги гради Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор може да бидат дел од владиниот проект „Купи куќа, купи стан“.
Становите се лоцирани во општина Аеродром, а метар квадратен е од 795 до 850 евра.
Ова го соопштија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот на ЈПССДП Цветко Гроздановски при денешната посета на една од станбените згради во општина Аеродром на улицата „Трета Македонска Бригада“.
– Подготвени сме од аспект на понуда што се во распонот од 800 до 850 евра по метар квадратен да им помогнеме на граѓаните да дојдат до сопствен стан. Постои мислење дека во Скопје тешко се наоѓаат станови кои се вклопуваат во проектот „Купи куќа, купи стан“. Зградата што денеска ја посетивме е доказ дека во Скопје има станови на добри локации, како што е оваа на 4,5 минути возење од центарот на градот, изјави министерот по посетата на зградата.
Директорот Гроздановски информира дека во зградата има слободни 30 станови од 44 до 60 метри квадратни. Ќе се продаваат на лицитација, за што се објавуваат секоја втора, а наредната недела има нова лицитација.Заинтересираните со преддоговор ќе добијат имотен лист на нивно име од Јавното претпријатие. Зградата треба да биде готова до мај годинава, според динамиката на изведувачот.
Покрај овие, како што рече Гроздановски, во Реонски центар има околу 374 станови за кои цената е 795 евра по метар квадратен во што се вклучени клима уред и кујна. За понудата на станови во внатрешноста на Македонија, тој посочи дека во Охрид има станови за 700 евра, додека во Битола има за 550 евра по метар квадратен за млади брачни двојки. Во Струмица понудата е 570 евра. Според Гроздановски прифатливи се цените што ги нудиат на пазарот.
Наредната недела, министерот ќе има средба и со приватните градежни компании кои градат станови и кои, како што го информирале, може да понудат станови со пониска цена за да се вклопат во владиниот проект.
Поднесувањето на апликациите во банките учеснички во проектот е до 1 март и засега, како што рече министерот Ставрески, не се размислува за продолжување на рокот. – Има голем интерес. Бројката се менува секој ден. Досега имаат поднесено апликации 500 граѓани и пополнето формулари, но тоа не значи дека сите барања се целосно докомплетирани. Треба да ги докомплетираат со документи. Истовремено, банките информираат дека има стотици граѓани што се информираат и ја прибираат потребната документација. Подобро ќе знаеме кога ќе бидеме во втората половина од месецот, истакна министерот.
Според него, засега интересот е поголем за станови бидејќи тие се во понапредна фаза, меѓутоа има интерес и за куќи, особено поголем дел за доградба. Очекувањата се дека во наредните циклуси како општините ќе овозможуваат повеќе места за изградба на куќи ќе има поголем интерес за тоа.