Вратите на меѓународните финансиски институции не се затворени за Македонија, иако некои медиуми тоа го тврдат, рече министерот за финансии Зоран Ставрески во разговор за ТВ Нова.

Македонија има добри односи со сите меѓународни финансиски институции, како со Светска банка, така и со Европска банка за обнова и развој, ММФ и Европска инвестициона банка, изјави министерот Ставрески.

„Сите врати за финансирање добри проекти ни се отворени и немаме информација дека има какви било резерви од нивна страна во поглед на финансирањето на инвестициските потреби на Македонија“, уверува Ставрески.

Според него, политичката криза која веќе долго време ја држи земјата во заложништво, очигледно е придружена со пропагандна војна во којашто се шират различни нецелосни информации и дезинформации.

„Таква беше и информацијата што пред некој ден излезе во јавноста, а се однесува на средствата што Светска банка ни ги одобри во јануари годинава. Вистината е дека бордот на Светска банка на почетокот на јануари го одобри кредитот за поддршка на општините за Македонија во износ од 28 милиони американски долари. Во тој период изборите беа планирани за 24 април, а бидејќи 60 дена пред тоа настапува период на техничка влада, односно се распишуваат изборите, со Светска банка беше договорено кредитот да стане ефективен веднаш по изборите. Светска банка го прави истото и со други земји во слична ситуација“, објаснува Ставрески.

Според него, оваа информација била позната уште во јануари, а потоа и објавена во некои медиуми, а сега, со цел да се потенцира тоа дека наводно на земјата ѝ се ограничуваат финансиските средства, се рециклира и добива поинаква димензија.

„Првите информации што излегоа на некои медиуми беа дека Светска банка го прекинува финансирањето на Македонија. Ова не е точно. Таа веќе го одобри кредитот што требаше да биде ефективен по изборите. Потоа ние ги одложивме изборите, а тоа е наш внатрешен проблем. Од политички причини тие се одложија од април за јуни. Не се прекинати целокупните финансирања на Светска банка и ММФ“, појаснува Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window