Охрид, 13 октомври 2011 (МИА) – Извештајот на Европската комисија е уште една потврда за добриот начин на кој Република Македонија се справува со предизвиците кои ги носи моменталната економска ситуација во светот, истакна денеска во Охрид вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Коментирајќи го извештајот, Ставрески забележа на фактот што во него воопшто не се третира актуелната економска ситуација во Еврозоната, за која оцени дека секако има значајно влијание врз помалите економии како што е Македонија.
– Очигледно е дека единственото нешто што не е третирано во извештајот, но претставува ризик за економиите од овој регион, вклучително и за Македонија е општата економија во Еврозоната и она што се случува во неа. Ние упатуваме апел како претставници на земјите од овој регион, политичарите во Европа да направат се што можат да најдат решение за актуелната состојба во Европа бидејќи таа на некој начин влијае негативно и ги загрозува помалите економии во ЈИЕ. Ние во нашиот дел се бориме и правиме се што можеме преку одржување на здрава фискална позиција, преку зголемување на капиталните инвестиции и преку носење на свежи пари од надвор за малите и средни претпријатија, истакна министерот за финансии.
Давајќи оценка за тоа колкава е опасноста по македонската економија од кризата во Европа која има свое влијание и врз работата на извозно ориентираните претпријатија во земјата, министерот Ставрески истакна дека секој кој работи одговорно денес мора да каже дека постојат ризици бидејќи она што се случува во Европа не може да биде позитивно за македонската или за која било друга економија.
– Истовремено мора да сме објективни и да кажеме дека макроекономските показатели на Македонија се подобри од која било земја во регионот, не само во поглед на економскиот раст каде што Македонија има солидни резултати во првите шест месеци од годината, туку и во однос на нивото на задолженост каде што сме една земјите со најниско ново на долг што е многу битно во денешни услови од аспект на трговскиот дефицит каде имаме целосна контрола и ниско ниво на буџетски дефицит. Ние можеме да го направиме она што е во наши ингеренции, но очекуваме Европа да ги среди сопствените редови, односно да го среди сопственото прашање на долгот во пооделни држави и неконкурентноста на одредени периферни економии, истакна Ставрески.
Министерот за финансии посочи дека земјата останува ориентирана кон обезбедување финансиски средства од надвор под поволни услови, иако, како што рече, пазарот на капитал станува се поризичен.
– Ние работевме напорно во изминатиот период со Светската банка која ќе ни помогне во насока на намалување на трошоците за обезбедување на тие средства во висина од 130 милиони евра под најдобри можни услови, рече Ставрески.
Во однос на пазарот на хартии од вредност, тој појасни дека ориентација на Владата е да понуди и краткорочни и долгорочни хартии од вредност.
– До крајот на годината планираме да објавиме долгорочни хартии од вредност. Ќе има уште една аукција до крајот на годината која што ќе биде за пегодишни домашни хартии од вредност, а за која веќе имаме понуди од пензиските фондови, но и од некои банки, рече Ставрески.