Кавадарци, 10 јуни 2011 (МИА) – Изборите поминаа и сега е време да се фатиме за работа, затоа што само тоа ни носи подобра живејачка за граѓаните. Затоа денеска во Росоман го натоваривме и го испративме првиот камион со праски за Русија, дел од вкупната пратка што оваа година ќе надмине 1 милион евра, рече вицепремеирот и министерот за финансии Зоран Ставрески за време на посетата на претпријатието „Душан Кириќ“ во Росоман.

 

Тој потенцира дека со ваквиот начин на соработка на Владата и на приватниот сектор им се помага на земјоделските производители да најдат подобар пласман за своите производи.

 

– Извозот на земјоделски производи во Русија во последните години бележи извонреден раст. Во првите 4 месеци од оваа година за 7 пати е поголем извозот на земјоделски производи во Русија. Минатата година над 5 милиони евра се извезени во земјоделски производи од Македонија и тоа најмногу јаболка од Ресенско и зелка од Струмичко, а еве сега почнуваме и со извоз на праски од околината на Росоман, истакна Ставрески.

 

Според вицепремиерот и министер за финансии извозот во Русија расте благодарение на добрата работа на македонскиот амбасадор во Русија, кој помага преку македонските бизнисмени од таму и бизнисмените од Македонија да се склучат договори и непречено да се одвива откупот на праските и на другите земјоделски производи.

 

– Очекувам дека овој пораст на извозот на овошјето и зеленчукот од Македонија ќе продолжи и во иднина. Рускиот пазар е огромен и ние на најдобар начин треба да го искористиме тој потенцијал и нема причина да не стигнеме до десетина милиони евра годишно извоз барем на рускиот пазар се разбира и на сите останати пазари на поранешниот Советски сојуз, рече Ставрески.

 

Comments are closed.