Струмица, 11 септември 2015 (МИА) – До 15 септември ќе бидат исплатени налозите за штетите од поплавите во општина Струмица, а исплатата за таа намена ќе продолжи и во останатите општини, информира вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

При посета на општина Василево Ставрески рече дека ќе се исполни даденото ветување за исплата на штетите од поплавите до среда следната недела.

– Исплатата на штетите од поплавите се одвива континуирано во сите општини во Република Македонија што се погодени од поплавите. Како што најави премиерот при посетата на општина Струмица, ќе го исполниме тоа што беше кажано односно до среда следната недела ќе бидат исплатени налозите што се однесуваат на штетите од поплавите во општина Струмица. Се работи за преку 400 налози, за 400 семејства, а износот на средства е 33 милиони денари. Агенцијата и комисиите ја привршуваат работата, во понеделник ќе ги достават налозите и почнуваме со нивната исплата, така што заклучно следната недела ќе бидат целосно исплатени и обештетени, изјави Ставрески одговарајќи на новинарски прашања.

Според него, истовремено ќе продолжи исплатата на штетите од поплавите и во останатите општини низ државата.

– Граѓаните треба да очекуваат, оние кои сè уште не добиле, дека и ним ќе им бидат исплатени средства, како во сите општини, така и во овој крај, рече Ставрески.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.