Скопје, 27 февруари 2013 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска ја промовираа новата услуга за безготовинско плаќање преку ПОС терминали при аплицирање за нови лични документи.
Со можноста за плаќање на трошоците за вадење документи преку ПОС терминали постапката за издавање документи е многу поедноставена, односно граѓаните од денеска на лице место ќе можат да изршат плаќање со платежна картичка.
– Тоа значи дека граѓаните може да закажат по електронски пат и со само едно доаѓање на местото на издавање на документите да ги завршат сите административни процедури на многу поедноставен начин, притоа избегнувајќи го непотребното трошење време, констатира Јанкулоска.
Според неа, корисно за граѓаните е и тоа што со оваа услуга провизијата потребна да се плати за издавање документи е многу помала зависно од типот на документи. Нагласи дека ова е дел од реформите кои Владата ги спроведува во функција на доближување на услугите на администрацијата до граѓаните и овозможување подобар сервис за реализирање на сите нивни потреби.
Во МВР на територијата на Република Македонија инсталирани се вкупно 167 ПОС терминали, а бројот на службеници од МВР обучени да ракуваат со нив изнесува 170.
Вицепремиерот Ставрески потенцирајќи дека на овој начин за граѓаните значително се намалуваат трошоците, посочи дека овој проект е уште една мерка во функција на подобрување на услугите и нивна поголема достапност до граѓаните.
– Претходно ние воведовме можност за плаќање на административните такси, а подоцна и на судските такси, преку СМС порака преку мобилните телефони, при што го сменивме лимитот до кој износ тоа може да се врши, но се во функција граѓаните полесно да ги завршуваат работите, потсети Ставрески.