Скопје, 4 мај 2012 (МИА) – Можни кадровски промени во регионалните дирекции на Управата за јавни приходи во регионите каде што беше спроведена акцијата „Детонатор“. Покрај Управата ќе се проверува и инволвираност на Царината и цариниците во тие региони.

 

Ова го најави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска одговорајќи на новинарски прашања во врска со поднесената интерпелација од опозицијата за неговата работа и акцијата „Детонатор“.

 

– Во тек е истрагата при што ќе се утврди дали постои директна инволвираност на луѓе вработени во УЈП, во кој било од градовите каде имаше наоди. Доколку има таква директна одговорност тоа ќе биде и кривично дело, но и доколку нема правиме анализи за тоа дали има индиректна одговорност. Во секој случај ќе повлечам чекори во насока на барање одговорност од лицата што работат во УЈП во соодветните региони и тие ќе бидат соодветно казнети, дури ако не ги виделе или ги виделе, а ги толерирале секако ќе има еден или друг тип одговорност. Може да се очекува дека ќе има промени во регионалните дирекции на УЈП, а истовремено ќе се провери евентуална инволвираност на Царината или цариници во истиот случај, изјави министерот Ставрески.

 

Министерот за финансии за најновата проекција на Народната банка со која се предвидува раст од 2 наместо претходните 2,4 проценти, рече дека таа е само уште една потврда дека има добра перспектива за македонската економија, имајќи предвид дека 10 земји во ЕУ се во рецесија и оти еврозоната е во рецесија.

 

– Минимални се разликите меѓу проекциите на Владата и на НБРМ, а и на ММФ, така што очекувам до крајот на годината, а имаме и добри шанси, да ги реализираме овие стапки на економски раст. Македонија со тие стапки на економски раст ќе биде во Европа меѓу најуспешните во економската активност во 2012 година, истакна министерот за финансии.

 

За тоа дали се планира намалување на каматите на државните записи, по намалување на каматата на благајничките записи од страна на Народната банка на Република Македонија, рече дека се уште не почнале да се ефектуираат мерките на НБРМ за да се види каква ќе биде распределбата на вишокот средства што ќе се ослободат со овие мерки на НБРМ.

 

– Допрва ќе видиме колкав дел од тие средства ќе оди во кредити, колкав во државни записи. Тогаш кога ќе биде состојбата појасна, а за што ќе бидат потребни неколку месеци ќе оцениме дали ќе има потреба да има намалување на каматите. Да видиме како ќе се однесуваат банките кон оваа промена. Можно е да имаат реакција во една насока, можно е банките да направат повеќе напор да вложат дел од вишокот средства во кредити што би била наша цел, а и апел тоа да се случи бидејќи има простор за кредитирање на приватниот простор и треба да има такво кредитирање за добри проекти, потенцира Ставрески.

 

Во однос на проектот „Купи куќа, купи стан“, информира дека се очекува до крајот на следната недела да се доделат првите кредити. – Имаме веќе одобрени 50-тина барања и Министерството за финансии ќе ги одобри субвенциите, а граѓаните до крајот на неделата граѓаните ќе ги добијат средствата, рече министерот.

 

За тоа дали се размислува за нови антикризни мерки, Ставрески потенцира дека во континуитет се преземаат мерки за подобрување на бизнис амбиентот и оти во рамки на новиот бран ќе бидат опфатени и нови мерки кои во еден дел ќе се однесуваат за граѓаните, а во едниот дел и на општиот економски амбиент во државата.

 

Comments are closed.