Белград, 19 октомври 2010 (МИА) – Како регионот побрзо да излезе од криза, односно да забележи подобри резултати идната година и годините кои доаѓаат, е во фокусот на меѓународната конференција што во организација на „Euromoney“ се одржува во Белград, а на која учествува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
– Ова е добра можност да се споредат резултатите на Република Македонија со другите земји. Според буџетскиот дефицит, бруто домашниот производ, Македонија стои подобро од другите земји во регионот. Сепак, разговаравме за тоа и постои консензус дека во иднина економскиот модел треба да се промени, односно дека странските инвестиции нема да бидат на исто ниво како пред кризата, како ни растот на кредитирањето, изјави министерот Ставрески.
Затоа, според него, ќе мора да се наоѓаат алтернативни форми за финансирање на конкурентоноста на стопанството, како странските кредитни линии.
– Јас истакнав дека во буџетот треба да има многу поголем удел на капиталните инвестиции, дека за најмалку 20 отсто тие мора да се зголемат како ставка. Исто така кредитрањето треба да се зголеми за најмалку 20 отсто од различни извори, посочи Ставрески.
Според вицепремиерот, во такви услови е остварлив поголем економски раст дури и од очекуваниот од 3,5 отсто за идната година.
– Очекувам дека Македонија ќе успее во наредниот период, по 2011, да оствари многу повисоки стапки на раст, истакна вицепремирот Ставрески.
На Конференцијата во Белград присуствуваат над 300 бизнисмени, инвеститори и креатори на економски политики од регионот.